Првпат во Македонија успешно е изведена една од најтешките и најкомплексни операции на срце кај деца. Кај новороденото дете од 2,9 кг била поставена дијагноза за една од најкомплексните аномалии на срцето на Клиниката за детски болести и веднаш било упатено во клиничка болница „Жан Митрев“, како итен случај.
– По соодветна подготовка, штотуку родениот мал пациент вчера беше успешно опериран. Се работи за т.н. тотална транспозиција на главни крвни садови, една од најкомплексните аномалии на срцето, со која сите крвни садови излегуваат обратно од срцето, со тоа крвта циркулира во обратен правец, овие деца се сини и поради недостиг на кислород умираат набрзо по породувањето. Операцијата ја изврши академик д-р Жан Митрев и целата оперативна подготовка, анестезијата, кардиоперфузијата, инструментарките, како и комплексното постоперативно водење беше од лекарите и персоналот на клиничката болница „Жан Митрев“ – информираат оттаму.
Во текот на овој комплексен, исклучително тежок оперативен зафат не присуствувал ниту еден странец или советник на ниедна позиција.
– Со оваа операција и „стариот“ тим и „новиот“ – дојдените од државната клиника – покажаа голема зрелост за вакви подвизи во медицината и покажаа дека веќе се „еден тим“ – додаваат од клиничката болница.