X
 09.12.2017 Живот

До која возраст е прифатливо децата да спијат со родителите?

Ако спиењето со родителите го смирува детето, го прави да се чувствува заштитено и сакано, не гледам причина зошто тоа би било лоша работа. Но, ако тоа се одразува негативно врз односите меѓу двајцата родители, тогаш треба да се реагира и да се најде некое ново решение, вели психологот Катерина Велковска.



Дали новороденчињата треба да спијат до мајката или уште од првиот ден треба да се навикнуваат да спијат во сопствено креветче? Дали спиењето на децата со родителите и кога ќе наполнат три, четири, пет, па и повеќе години ќе ги направи зависни и психолошки незрели? Ова се дилемите со кои се соочуваат многу родители кога станува збор за делењето на креветот со децата. За дел тоа е сосема нормално, додека за дел тоа е незамисливо и е штетна навика која мора да се спречи уште од најрана возраст. Се обидовме да најдеме едноставен одговор токму на овие прашања – треба ли децата да спијат во ист кревет со родителите и до која возраст тоа се смета за прифатливо?

Александра М. е мајка на петгодишно дете, кое спие со неа во ист кревет уште од раѓање. На почетокот тоа било од практични причини, бидејќи ѝ го олеснувало доењето. Но, подоцна преминало во навика од која нејзиниот петгодишен син сега не сака да се одвикне. - Да бидам искрена, не сакам ни јас. Уживам во заедничкото спиење, во гушкањето во текот на ноќта. Не можам да кажам дека понекогаш не ми пречи, нема доволно место за мене, сопругот и за синот во креветот, па мојот сопруг многупати е принуден да спие на каучот во дневната. Од семејството, но и од пријателките постојано добивам совети дека син ми е веќе голем, дека треба да спие сам, дека ќе биде „мамина маза“ цел живот и оти со заедничкото спиење ќе го направам зависен од мене. Не се осврнувам на таквите забелешки бидејќи најважно ми е моето дете да е среќно и да се чувствува добро, но сепак не ми е сеедно бидејќи и јас честопати размислувам на таа тема – вели Мирјана.

Таа не е осамена во таквите размислувања. Многу родители се соочени со истите прашања и дилеми и се обидуваат да постапат исправно во таквата ситуација. Но, не знаат што треба да направат. Психологот Катерина Велковска вели дека не постои вистински одговор на прашањето дали децата треба да спијат во ист кревет со родителите и дали тоа ќе им се одрази врз натамошниот психолошки развој. - Исправно е сѐ што ги прави среќни децата, но и нивните родители. Кога станува збор за заедничкото спиење, тоа не може да има негативен психолошки ефект ако и децата и родителите се задоволни и не се чувствуваат фрустрирано од таквите околности. Ако спиењето со родителите го смирува детето, го прави да се чувствува заштитено и сакано, не гледам причина зошто тоа би било лоша работа. Но, ако тоа се одразува негативно врз односите меѓу двајцата родители, тогаш треба да се реагира и да се најде некое ново решение – вели Велковска.

Според неа, во македонски услови понекогаш заедничкото спиење на децата со родителите е присилно поради немањето доволно простор во домот, па тоа е единствен избор. Ова особено е изразено во семејствата каде под еден покрив живеат неколку генерации. Ниту истражувањата спроведени во светски рамки не даваат точен одговор на оваа дилема. Една студија објавена во медицинското списание „Архива на педијатријата и адолесцентната медицина“ вели дека заедничкото спиење на мајката и бебето може да го олесни доењето, а друга студија објавена во истото списание тврди дека новороденчињата кои го делат креветот со својата мајка спијат подобро отколку тие што спијат раздвоени од неа. Од друга страна, една студија објавена во списанието „Журнал за афективно растројство“ во 2016 година открива дека заедничкото спиење може да го направи детето поподложно на анксиозност и депресија.

- И покрај многуте спроведени студии и истражувања, постојат малку научни докази за психолошките придобивки или штети од заедничкото спиење. Тоа е така бидејќи од етички причини истражувачите не можат да спроведат експерименти од оваа, најчесто контроверзна тема. Студиите кои се спроведени на оваа тема се направени врз основа на многу мал примерок, што го отежнува извлекувањето какви било заклучоци од нив – вели Дејвид Месер, професор за детски развој во интервју за британскиот весник „Индипендент“.

Според Месер, многу е важно да се разбере дека бебињата и малите деца во текот на својот развој искусуваат многу различни аспекти на нега. Затоа, малку е веројатно дека делењето на креветот силно ќе влијае врз подоцнежниот развој на децата.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот