Американските научници од државниот универзитет Пен открија зошто некои луѓе не можат да престанат да пушат. Тие велат дека проблемот е поврзан со процесите што се случуваат во мозокот.
Научниците успеале да предвидат колку некои личности успешно ќе се ослободат од оваа нездрава навика така што ја проучувале активноста на нивниот мозок. Тие откриле дека испитаниците што покажувале најмали реакции на наградите имаат најмали шанси за одвикнување.
Во истражувањето учествувале 44 пушачи чии реакции во центарот на мозокот биле проучувани од научниците, така што им давале награда, односно пари за секоја цигара што нема да ја испушат.
Тие не смееле да пушат барем 12 часа пред да биде направено истражувањето. Потоа тие биле под магнетна резонанса и играле игра на погодување на картите со можност за заработка.
Им било речено дека мора да причекаат два часа до крајот на експериментот за да можат да испушат цигара. Но, во текот на играта, на половина од испитаниците им било кажано дека дошло до грешка и дека можат да излезат на пауза од траење до 50 минути. Ако не пушат во текот на паузата, тогаш наградата за нив би била 1 долар за секои пет минути.
Експертите откриле дека пушачите што не успеале да издржат покажуваат послаби реакции во центрите на мозокот задолжени за награда.