X
 09.12.2023 Живот

Европски дестинации што ќе наплаќаат туристичка такса од 2024

Популарни европски дестинации воведуваат нови туристички такси од 2024 година поради различни причини. Меѓу нив се и Париз и Амстердам, кои ги зголемија туристичките такси за следната година, но и Обединетото Кралство, кое воведува нов систем за влез во земјата.

Париз, Франција

Од јануари 2024 г. туристите во Париз ќе плаќаат туристичка такса за сместување која е речиси 200 отсто повисока од моменталната. Ноќната такса за соба за двајца во добар хотел може да надмине 11 евра.

Амстердам, Холандија

Од 2024 г. главниот град на Холандија треба да ја има најскапата туристичка такса во Европа. Таксата за сместување се зголемува на 12,5 отсто од цената за сместувањето. Оваа мерка има цел да го намали бројот на туристи во градот кои стануваат проблем за жителите.

Венеција, Италија

Од 2024 г. Венеција ќе почне да наплаќа дневна влезница за туристите. Оваа влезница ќе се наплаќа за викендите напролет и налето.

Валенсија, Шпанија

Валенсија најави воведување туристичка такса за туристите што користат сместување во градот. Таксата ќе изнесува од 0,50 до 2 евра за ноќевање, во зависност од сместувањето и бројот на ноќевања.

Барселона, Шпанија

Барселона планира да ја зголеми туристичката такса, која беше воведена во 2018 година. Туристите ќе треба да платат регионална и градска такса. Од април 2024 г. таксата ќе изнесува 3,2 евра.

Мадрид, Шпанија

Главниот град на Шпанија размислува за воведување туристичка такса во 2024 година за да го намали преголемиот број на туристи. Оваа мерка уште не е потврдена.

Ољао, Португалија

Популарниот португалски град ќе наплаќа такса од 2 евра за туристите кои ќе престојуваат во градот од април до октомври. Цената ќе изнесува 1 евро за ноќевање за оние туристи што ќе престојуваат таму помеѓу ноември и март.

Фаро, Португалија

Туристичката такса во Фаро чини околу 1,50 евра за лице и ќе се применува во текот на летната сезона, а ќе се наплаќа за најмногу седум ноќевања.

Обединето Кралство

Од 2024 година, Обединетото Кралство ќе почне да имплементира систем со кој туристите од САД, Австралија, Канада и од Европа ќе мора да добијат дозвола за влез во државата. Оваа опција ќе се наплаќа.

Извор: Schengen visa info
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот