Постои едно патување кое на карта изгледа речиси нереално. Започнува во Кејптаун, на крајниот југ на Африка, а завршува во Магадан, руски град на брегот на Охотското Море, длабоко на североистокот од Азија. Станува збор за една од најдолгите копнени маршрути што може да се замислат без користење авион или брод, туку само преку патишта и мостови.
Најчесто спомнуваната должина на оваа траса изнесува околу 22.387 километри. Според пресметките на „Брилијант мапс“, за вакво патување би биле потребни околу 4.492 часа пешачење. Тоа значи 187 дена непрекинато одење, или околу 562 дена ако се пешачи по осум часа дневно, без поголеми паузи. Истите податоци покажуваат дека би се совладале повеќе од 117.000 метри искачување и исто толку спуштање, што јасно укажува дека маршрутата не е само долга, туку и физички исклучително напорна.
Патот би минувал низ огромен дел од Африка, потоа преку Блискиот Исток, Кавказ и бескрајните пространства на Русија. Од Кејптаун би се тргнало кон север, низ Јужна и Источна Африка преку земји како Боцвана, Замбија, Танзанија, Уганда, Јужен Судан и Судан. Потоа патот продолжува кон Египет и Синај.
По влезот во Азија, патот продолжува преку Блискиот Исток кон Турција, потоа кон Грузија и натаму кон североисток, низ Русија. Најдолгиот и најтежок дел би бил токму рускиот, каде што пешакот би морал да помине огромни растојанија низ Сибир сè до Магадан. Достапните докази ја поддржуваат тезата дека оваа маршрута е теоретски можна како непрекинат копнен пат, но во практика би била исклучително сложена за изведба.
Она што ја прави оваа маршрута посебна не е само бројот на километри. На патот од Кејптаун до Магадан би се менувале континенти, климатски зони, релјефи, јазици, валути, политички системи и временски зони. Пешакот би поминал од јужноафриканскиот брег и полусуви предели, преку савани и тропски региони во Источна Африка, потоа низ пустинските области на Северна Африка, висорамнините на Блискиот Исток, Кавказ и на крај низ студените краишта на рускиот североисток.
Магадан не е случајно избран како крајна точка. Тој е еден од најоддалечените поголеми градови во Русија, сместен на брегот на Охотското Море. До него по копно се стигнува преку долги и сурови делници на рускиот Далечен Исток, што му дава на ова патување речиси епска димензија.
Најфасцинантно во целата приказна е тоа што оваа маршрута покажува дека светот е поврзан и огромен. На карта изгледа како една линија. Во реалноста тоа би било патување низ континенти, пустини, планини, граници, градови, села, замрзнати патишта и региони каде што најблиската помош е далеку.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific