X
 29.03.2023 Живот

За две години летечко такси ќе го поврзува аеродромот во Чикаго со центарот на градот

Она што во иднина може да стане тренд е воздушниот превоз. На тој начин летечките такси би можеле да превезуваат луѓе од аеродром до центарот на градот. За такви возила или авиони се зборува долго време, но сѐ уште нема таква услуга која би ги превезувала луѓето по воздушен пат до посакуваната дестинација.

Се чини дека тој ден доаѓа, барем ако му се верува на тимот на „Арчер авиејшн“. Минатата недела тие потпишаа партнерство со „Јунајтед ерлајнс“ за лансирање на првата комерцијална линија за летечко такси напојувана со електрични мотори. Услугата треба да профункционира за две години и ќе го поврзе аеродромот „О'Харе“ со центарот на Чикаго. Во моментов од центарот на градот до аеродромот се стигнува за 35 минути до 1 час возење, во зависност од сообраќајот, додека возењето со воз трае околу 45 минути.

Летечкото такси би требало да го скрати патувањето на само 10 минути. Сегашниот план е да има само една маршрута до хелиодромот во центарот на градот, а бројот на хелиодроми на попатните станици со текот на времето ќе се зголемува.

Не е тешко да се претпостави дека таквата услуга нема да биде евтина и ќе биде резервирана за оние со подлабок џеб, иако од „Арчер“ велат дека ќе има конкурентна цена за патниците.

Инаку, „Јунајтед ерлајнс“ минатата година нарача 200 електрични такси од „Ив ер мобилити“, па јасно е дека оваа компанија има големи планови и сака да биде еден од лидерите на пазарот.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Archer Aviation
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот