X
 10.01.2023 Живот

Ова е единствениот воз во Јапонија што смее малку да задоцни

Јапонските возови „Шинкансен“, супермодерни, супербрзи и суперточни, се најчестото превозно средство во оваа земја, додека за остатокот од светот изгледаат како да пристигнале од далечната иднина и брзаат во уште понатамошна иднина со нивната максимална брзина од 320 километри на час.

И додека ние со неверување читаме како машиновозачите самите се казнуваат, а кондуктерите клекнуваат пред патниците во знак на извинување за доцнењето од една минута, Јапонците, кои тоа го очекуваат од нив, на еден воз му го простуваат доцнењето дури и од три-четири минути.


Да, Јапонците сакаат супербрзи возови, но исто така сè попопуларни се и бавните возови. Навистина бавно, со просечна брзина од околу 10 километри на час, што е бавно и за нас. Јапонците сфатија дека животот им поминува брзо како „Шинкансен“ и дека немаат време да уживаат во животот, во моментот, во пределите кои се менуваат додека патуваат со воз.

Возот „Резорт Ширками“, кој ги носи туристите низ живописното крајбрежје на северниот дел на Тохоку, се нарекува „Хепи чрејн“ и е повеќе дестинација отколку превозно средство. На него се возите исклучиво за да уживате во пејзажот. Сите ваши сетила ќе бидат ангажирани со локална музика и деликатеси како саке, локален сок од јаболко хиросаки и чипс од сладок компир, уметност и традиционални занаети.



Дури и седиштата се приспособливи за да ви биде удобно и ништо да не ви го расипе прекрасниот поглед на бреговите на Тохоку и планинскиот венец Шираками Санчи. Возот има и наратор, а застанува 15 минути за да можат патниците да се прошетаат, да го дишат морскиот воздух и да уживаат во убавините на природата.

Храна, традиција и саке

Тематските возови стануваат сè почести во Јапонија. „Цигари тетсудо“ е сезонски зимски воз на кој се продаваат традиционални сушени лигни, десертниот воз „Ару Реша“ сообраќа од Хаката до Јуфуин, „Кошино Шу ​​Кура“ нуди саке за патувања низ префектурата Ниигата и „Тохоку Емоушн“, кој вози по брегот на Санрику и е еден вид подвижна галерија на занаетчиските традиции на регионите низ кои минува.

Јапонските возови за разгледување ве водат низ Јапонија која полека исчезнува: Јапонија без лудило и метеж, без туристи и високотехнолошки уреди, без облакодери и неонски знаци кои го заматуваат небото. Стара, едноставна Јапонија каде што е дозволено (малку) да доцниш и треба полека да се движиш за да ја доживееш.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот