Група американски научници откриле значајна врска помеѓу развојот на крвните матични клетки и протеинскиот рецептор за микроби наречен Нод1. Протеинскиот рецептор помага во откривањето на бактериските инфекции и активирањето на имунолошкиот одговор, а според научниците, игра и клучна улога во раните фази на развојот на васкуларниот систем во ембрионот.
Новата студија посочува дека протеинскиот рецептор им помага на ембрионите да поттикнат трансформација на некои васкуларни ендотелијални клетки во крвни матични клетки. Ова е ново разбирање на механизмот за производство на крвни матични клетки и може да доведе до потенцијална елиминација за потребата за трансплантација на коскена срцевина доколку се овозможи нивен развој подоцна во животот.
- Тоа би ја елиминирало тешката задача за наоѓање компатибилни донатори за трансплантација на коскена срцевина и компликациите што се јавуваат по трансплантацијата, подобрувајќи го животот на многу пациенти со леукемија, лимфом и анемија - вели Ракел Еспин Палазон, генетичарка од државниот универзитет во Ајова.
Потенцијални примени во регенеративната медицина
Крвните матични клетки, кои се одговорни за создавање на сите црвени и бели крвни зрнца, обично потекнуваат од ендотелијалните клетки во ембрионската аорта. Но, досега не се знаело дека протеинскиот рецептор бил потребен толку рано, пред создавањето на крвните матични клетки, објаснува Еспин Палазон.
Научниците го идентификуваа Нод1 со анализа на база на податоци на човечки ембриони и дополнително го проучуваа, откривајќи позитивна корелација помеѓу однесувањето на Нод1 и создавањето крвни матични клетки.
Откритието дава надеж за развој на нови крвни матични клетки од човечки примероци, потенцијално дури и од сопствената крв на пациентот, со што ќе се заобиколат предизвиците поврзани со трансплантацијата на коскена срцевина. Новото истражување може да придонесе за отворање на патот за лекување на различни крвни болести.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија: Pixabay