X
 10.02.2018 Живот

Кратка историја за генијалниот ум на Илон Маск


Илон Маск и неговите животни проекти
(Фото: Tesla / SpaceX / Reuters / Hyperloop)


Како што Никола Тесла се смета за најголемиот иноватор на 20 век, така и Илон Маск веќе се наоѓа во најтесниот круг за истата титула на нашата доба.

„Сметам дека ова ќе ги отвори новите погледи кон можното“ – истакна Маск додавајќи дека посакува нов вселенски натпревар затоа што смета дека тоа е ’возбудливо‘... Ова ќе поттикне и други компании и држави да кажат: ’Ако Спејс Екс, која е приватна компанија, може да го направи ова, со свои сопствени средства, тогаш можеме и ние...“, истакна Маск на конференцијата по лансирањето.

Но, патот до ова лансирање беше напорен и чинеше повеќе од првичните пресметки. Маск истакна дека ракетата „Фалкон Хеви“ чинела над половина милијарда долари, но дека натамошните лансирања би можеле да се сведат на околу 90 милиони долари, што е третина од она што го наплаќаат конкурентните компании.

„Фалкон Хеви“ сепак е само еден чекор понатаму во големата вселенска визија на Маск за колонизација на Марс. Следниот голем чекор ќе биде ракетата „BFR“, која ќе биде 30 метри подолга од оваа, ќе може да пренесува и до 150 тони товар во вселената, а со неа се планира и екстра брз превоз на луѓе.

Што влијаеше врз формирањето на Илон Маск?


Уште од најрана возраст пројавувал особини со кои значително се разликувал од своите врсници. Маск е роден во 1971 година во Преторија (ЈАР), а Ешли Венс во неговата биографија од 2015 година напишал дека како дете „голтал“ научна фантастика и дека многу сериозно ги сфаќал идеите дека човештвото треба да се обиде да го спаси светот и да се расели низ вселената. Бил малтретиран на училиште, а дома бил несреќен поради односот со таткото. Покажувал голем интерес за информатика и претприемаштво, а на 12 години ја направил првата игра што ја продал на едно информатичко списание.

Во 1988 година добил канадски пасош (мајка му била Канаѓанка) и ја напуштил ЈАР затоа што не сакал да служи воен рок, поради апартхејдот. Во 1992 година се префрлил од Универзитетот во Онтарио на Универзитетот во Пенсилванија, каде што добил диплома од физика, а три години подоцна и од економија. Потоа заминал на „Станфорд“, но се откажал по само неколку дена затоа што го открил големиот потенцијал на интернетот.

Првата компанија „Zip2“ ја основал во 1995 година, заедно со својот брат. Четири години подоцна ја продале компанијата на „Compaq“ за 307 милиони долари, по што Маск ја основал својата компанија наречена „X.com“ – од која ќе произлезе „PayPal“ – компанијата за онлајн-плаќања низ светот. Маск во 2002 година му го продава брендот „PayPal“ на „eBay“ за 1,5 милијарда долари.

Малку е познат фактот дека уште во 2002 година Маск ја основал и компанијата „Спејс Екс“, воден од своите визии за развивање проект со кој луѓето ќе почнат да ја колонизираат вселената. По низа години развој, со поддршка од НАСА, во 2009 година, Маск ја лансира ракетата „Фалкон 9“ во 2010 година, Во 2011 година Маск доби и 1,6 милијарда долари од НАСА за транспорт на товар до Меѓународната вселенска станица. Паралелно со тоа, Маск продолжи и со развивање на првата „рециклирана“ ракета, а истото го постигна и со капсулата „Драгон“. По успешното лансирање на „Фалкон Хеви“, следниот планиран чекор е лансирање на екипаж со „Драгон“ кон МВС. Истовремено Маск продолжува и со развојот на својата идеја за мисија на Марс, која планира да ја официјализира во 2024 година.

Иако денес „Спејс Екс“ прославува, на претставувањето на ракетата „BFR“, Маск потсети дека пред 10 години речиси банкротирал. „Ги уништив првите три лансирања, а четвртото беше последното што можам да си го дозволам. За среќа, успеавме“, истакна тој.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот