Ли Израел, некогаш успешен биограф, влегла во светот на фалсификување на уметностa за да се спаси од сиромаштија.
Оваа жена се сметала за најуспешниот фалсификатор во историјата на книжевноста. Токму ова го прикажува дејството на филмот „Ќе ми простиш ли некогаш?“, номиниран за „Оскар“ во неколку категории.
Ли Израел продавала писма за кои тврдела дека ги пишувале познати личности - од Дороти Паркер до Ноел Ковард, а всушност таа била авторот. Ова го правела три години, до 1992 година, кога била уапсена, а потоа ја признала вината пред Федералниот суд.
Нејзините мемоари биле објавени во 2008 година, а сега продолжуваат да живеат и низ филмот. Актерката Мелиса Мекарти е номинирана во категоријата најдобра актерка за улогата на Израел, а Ричард Грант за најдобар актер во споредна улога во истиот филм. Филмот е номиниран и за најдобро сценарио.
Фото: Printscreen/Youtube
Во филмот се преплетуваат две работи - нејзиното кршење на законот и неверојатниот талент да се извлекува во текот на годините.
Израел е родена во 1939 година, во еврејско семејство во Бруклин, каде што и дипломирала во 1961 година. Набрзо по дипломирањето на Колеџот во Бруклин почнала да работи како хонорарен писател, пишувала статии за театар, филм, телевизија.
Првата биографија за актерката Талула Бакхенд ја објавила во 1972 година. Втората биографија, за животот на новинарката Дороти Килгален, ја објавила во 1980 година. Откако прифатила, поради унапредување, да напише неавторизирана биографија за козметичкиот магнат „Есте Лаудер“, што резултирала со критики и комерцијален неуспех, нејзиниот свет се срушил.
Не можела ни да му плати 40 долари на ветеринарот за својата мачка Дорис. Токму овој момент бил клучен во нејзиниот живот.
Украла неколку писма од њујоршката библиотека во Центарот „Линколн“, криејќи ги во чевлите. Ги продала за 40 долари во книжарница за ретки книги. Подоцна изјавила дека не чувствувала никаква вина. - Писмата беа од покојна личност, а Дорис и јас сме живи - рекла таа.
Полека успеала да создаде индустрија, продавајќи ги своите дела за 50 до 100 долари. Се проценува дека продала 400 писма, со што станала најуспешниот фалсификатор во историјата на книжевноста.
Била фатена кога било откриено дека писмото на Ернест Хемингвеј што го продала, всушност, ѝ припаѓало на колекцијата на Универзитетот „Колумбија“.
Била обвинета и за заговор за пренесување украдени дела преку државни граници, а во 1993 година била осудена на шест месеци, а подоцна и на пет години куќен затвор.
Подоцна ја напишала книгата „Ќе ми простиш ли некогаш?“, нејзината четврта и последна книга додека работела како уредник во училиштен магазин. Во неа напишала: - И понатаму мислам дека тие писма беа мојата најдобра работа.
Починала во 2014 година, на 75 години.
Карл Бурел, детектив од ФБИ кој работел на
нејзиниот случај, ја нарекол брилијантна. ФБИ открил голем број од нејзините фалсификати, но признава дека нејзините дела и понатаму циркулираат.
Којзнае уште колку ќе останат неоткриени.