Јас доаѓам од општествените науки, но кога ме прашувале што треба посебно да вреднуваме кај нашите идни студенти, секогаш велам дека математичките оценки треба да бидат првенствени, бидејќи правник без логика и без познавање на основните логички правила на математиката, не може да биде добар правник, рече министерката за образование и наука Рената Дескоска
Боце Митревски, претседателот на Друштвото на физичарите на Република Македонија ги поздрави учесниците
„Пред педесетина години во едно македонско село се вратил млад, штотуку дипломиран лекар. Неговиот дедо сакал да го посоветува, па го прашал: внучко, зошто не учеше уште малку, па наместо лекар да си бидеш учител?! Тоа било пред педесетина години, и во времето на Коменски. Во последните децении можеби зборот учител изгубил од своето значење, но мисијата на учителот останала. Мисијата на учителот е голема, нашата мисија е голема. Се надевам ќе дадеме мал придонес за поквалитетно образование по природни науки и математика“.
Со овие зборови Боце Митревски, претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) им посака добра работа на учесниците на Меѓународната конференција за образованието по природни науки и математика која денеска и утре се одржува на Природно-математички факултeт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Повеќе од 550 наставници по математика, хемија, физика и биологија од основните и средните училишта од земјава и од повеќе европски земји и универзитетски професори ќе разговараат за повеќе теми и аспекти на образованието.
Присутните ги поздрави министерката за образование и наука, Рената Дескоска. Таа очекува дека резултатите од дебатте да бидат ставени на располагање на Министерството за образование и наука, на Бирото за развој на образованието и на Државниот испитен центар за да помогнат во реформите кои се спроведуваат.
Министерката за образование и наука, Рената Дескоска
- За жал, во изминатиот период овие две области беа занемарени или подложени на неуспешни, лоши експерименти. Кај учениците наместо да се раѓа љубовта кон природните науки и математиката, се воведуваа наставни програми кои ги одбиваа и го комплицираа нивното учење. Целта на министерството е преку реформа на наставните планови и програми да дадеме фокус на природните науки и математиката, но на начин на кој учениците лесно ќе ја совладуваат материјата и ќе развијат љубов и интерес кон нив – рече Дескоска.
Таа повтори дека податоците од тестирањата на ПИСА се поразителни за Република Македонија, а нашите ученици се на дното на табелата за постигнат успех. Анализите покажале дека тоа ќе се постигне преку продлабочена настава по математика за талентираните учениците по овој предмет.
- Но, и преку соодветна методологија достапна за сите ученици. Само така ќе постигнеме подобри резултати кои подоцна ќе се рефлектираат во знаењето на другите предмети. Математика е учење како да размислувате, учење на логиката која потоа ја применувате во сите науки. Јас доаѓам од општествените науки, но кога ме прашувале што треба посебно да вреднуваме кај нашите идни студенти, секогаш велам дека математичките оценки треба да бидат првенствени, бидејќи правник без логика и без познавање на основните логички правила на математиката, не може да биде добар правник. Развојот и вложувањето во природните науки и во математиката, ќе дадат резултат и во надградбата и развојот на другите науки. Веќе се воведени стипендии од 18.000 денари за студенти по математика и физика, за да ги стимулираме да се запишат на овие науки – вели Дескоска.
Деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски
Деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски зборуваше за почетоците на факултетот како најстара високообразовна установа во Македонија и европските големи имиња кои предавале тука. Тој потенцира дека има застој во образовен систем на полето на природните науки и математиката. Тие како институција реагирале многупати, но другите чинители на образовниот процес не го препознавале тоа.
- Скоро да не игнорираа. Се израдувавме на промените кои ги спроведува ресорното министерство. Тоа ќе биде долг и болен процес. Се надевам дека оваа конференција ќе се обиде да ги дијагностицира проблемите и да ги поправи. Промените мора да ги прифатиме сите, од предучилишното до високото образование. Само тоа ќе биде гаранција за успех – рече Ѓоргоски.
На прашањето колку е задоволен од буџетот кој државата го издвојува за наука, тој рече:
- Ниту еден декан не може да каже дека е задоволен. Се надевам дека по новиот закон за високо образование ќе следи и закон за нучнооистражувачка работа кој ќе реши дел од проблемите – вели тој.
Конференцијата ја организираат ПМФ, Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и Сојузот на математичари на Македонија (СММ) со поддршка од
Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието. (БРО) и издавачката куќа „Арс Ламина публикации“.
Според Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“ тие уште на почетокот учествувале во изработка на учебниците и на дополнителните дидактички материјали, по новите програми што се воведоа во 2014 година.
- „Арс Ламина“ во сиве овие години ја даваше поддршката на наставниците. Како активен учесник во издаваштвото, во делот на учебникарството, важно е да сме вклучени како партнер за да направиме анализа која ќе произлезе од заклучоците. Тоа ќе помогне да се подобрат целокупните услови во образованието. Се разбира, „Арс Ламина“ како издавач не е надлежна институција за да може да креира политики, но е битен учесник во целиот сектор образование. Затоа е важно и издавачите да се присутни на вакви конференции – вели Бугариска.