X
 17.04.2020 Живот

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Зошто вапсуваме црвени јајца за Велигден?

Во оваа рубрика ви пренесуваме интересни податоци за нашата земја

Каква е симболиката на јајцето, зошто се вапсува во црвена боја, и тоа токму на Велигден, најголемиот празник во христијанската религија? Опширен научен одговор на ова прашање ни дава д-р Даворин Трпески, професор на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Даворин Трпески

- Поради сознанието дека живите суштества настануваат од јајца, луѓето уште во минатото му придале магиска улога на јајцето. Се обидувале на свој начин да го оправдаат настанувањето и постоењето и на необјаснивото за нив. На пример, митот за настанувањето на светот од јајце е познат кај многу народи: Феникијците, Вавилонците, Египќаните, Индусите, Кинезите и други - вели Трпески.

Идејата дека јајцето е извор на животот била пренесена и на другите секојдневни животни активности, особено на оние поврзани со првото заорување (првата бразда), првото засевање на житото, првото зажневање, првото замолзување на овците на Ѓурѓовден итн. Значи, сето она што на некој начин им ја гарантирало живејачката - да се роди и да има.



- Впрочем, ваквите магиски практики до скоро масовно биле застапени кај Македонците, но и кај другите балкански народи. Денес, останати се само делови или остатоци од некогаш навистина комплексните обредни активности што биле поврзани со јајцето – вели Трпески.

Јајцето како симбол на животот, според верувањата, добивало уште поголема сила со тоа што било вапсувано црвено, односно било боено со бојата на крвта, која, пред сè, значи живот. Постоело верување дека црвеното јајце има толку голема сила, што може да им вдахне нов живот и на оние што се веќе мртви. Така, христијанството, со идејата за Христовото воскресение и воопшто со воскреснувањето на мртвите, ја прифатило и ја презело оваа симболика на црвеното јајце и успешно ја поврзало со Велигден, најголемиот христијански празник.



- Во македонската народна култура постоеле непишани правила кои строго се почитувале. Се разбира, постоеле и постојат разлики од предел до предел. Така, вапсувањето некои го правеле и го прават на Величетврток, а некои на Велјасабота. Но, она што е обединувачко насекаде е верувањето дека првото вапсано јајце, рано наутро, пред изгрејсонце има особена магиска моќ: ги штити луѓето од болести и од секакви зла, ја чува стоката и ги заштитува посевите на луѓето. Со оглед на неговата функција, особено била важна неговата боја, која најчесто била црвена - објаснува Трпески.

Во некои предели го викале Господово јајце, некаде Првак итн. Со него домаќинките ги милувале дeцата и младитe по лицата вeлejќи им: „Здраво живо jаjцe, добро дошло“ или во други предели „Да си бeл и црвeн како jаjцeто, да си здрав како жeлeзото“ или „Црвeно, бeло, дебело“...
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот