10.03.2020
Живот
Се затвораат градинките, училиштата и факултетите на 2 недели, одлучи Владата
Владата ги прифатила барањата Комисијата за заразни болести да се заострат мерките против коронавирусот, со што во текот на наредните 14 дена ќе бидат затворени сите основни, средни и високообразовни институции, како и детските градинки. Вработените во овие установи се ослободуваат од работа, а како што информира министерот за здравство Венко Филипче, се дозволува платено отсуство на 1 родител на деца до 10 години во текот на наредните две недели.
- Апелирам да се избегнуваат и собирања на деца по игротеки - потенцира Филипче.
Досега во земјава има 8 случаи на заболени со коронавирус, а едно лице се тестира за вирусот. Во изолација се околу 100 лица.
Владата ги забрани сите масовни собири на отворено и затворено со над 1.000 учесници, а препорача да се откажат и оние со помалку учесници. Сите спортски настани треба да се организираат без публика.
Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица што доаѓаат од високо и средноризичните држави во период од 14 дена.
- Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна дозвола од Министерството за здравство. Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува возрасните и повисоко ризичните категории граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз - рече Филипче.
Вработените во јавните здравствени установи, кои се ангажирани за потребите на изборниот процес, треба да бидат изземени од натамошно учество и да бидат заменети со други лица.
Листата со земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана.
Филипче истакна дека тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно со законот.