X
 10.03.2023 Наша тема

Безбедноста на учениците е загрозена од превозници што возат со неисправни возила - МВР секојдневно испраќа автобуси на технички преглед

Ниту зголемените сообраќајни контроли за зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште ниту апелите од МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот не влијаат врз свеста на некои превозници во земјава кои сѐ уште превезуваат ученици со неисправни возила.

При контролите на терен, припадниците на Министерството за внатрешни работи постојано затекнуваат возачи на комбиња и автобуси кои превезуваат ученици без сообраќајни дозволи, фалсификувани документи и регистарски ознаки, но и со неисправни сопирачки.

- Во текот на 2022 година санкционирани се вкупно 2.259 возила поради техничка неисправност и тие се исклучени од сообраќај (во оваа бројка се прикажани сите видови возила, вклучувајќи ги и возилата со кои се врши јавен превоз на патници и ученици) - одговорија од МВР.

Во 2022 година биле санкционирани седум технички неисправни возила повеќе во споредба со 2021 година.
Токму поради неисправните сопирачки, сообраќајната полиција постојано испраќа автобуси или комбиња на вонреден технички преглед. Возила што превезуваат ученици се носат на технички преглед поради утврдување на техничката состојба на возилото и доколку се констатира неисправност, возилото се исклучува од сообраќај и се преземаат соодветни законски мерки.



Но, исклучувањата од сообраќај на возилата што превезуваат ученици ги исплашија учениците, но и нивните родители затоа што сѐ повеќе се појавуваат возила што имаат неисправни кочници, што според терминологијата на МВР е исто како немање кочници.
Причина за ова толкување е што барањата од Директивата 71/320/ЕЕ3 на Европската Унија се малку повисоки и поригорозни, а критериумите се утврдени со правилник за технички преглед, па тест-резултатите од проверките на системот за сопирање треба да ги исполнат тие барања.

Полицијата присуствува на вонредните технички прегледи, но не и на редовниот преглед кога се регистрира автобусот или патничкото комбе, посебно во станици за технички преглед кои се во сопственост на компанијата која врши превоз на патници и на ученици.

- Нашите комбиња не можат да бидат регистрирани ако не го поминат техничкиот преглед. Доколку е нешто неисправно со системите за сопирање, осветлување или подвозјето, минибусите ни ги враќаат назад во сервис и додека не го отстраниме проблемот, не можеме да одиме повторно на технички. Некои превозници возат нерегистрирани, што значи не поминале технички преглед и тоа ја загрозува безбедноста на учениците - истакна сопственик на фирма за превоз на ученици со минибуси.



Санкционирањето на технички неисправните возила е предвидено во Законот за возила во член 42, кој вели дека возилото во сообраќајот на патиштата треба да биде технички исправно, што значи дека треба да има исправни пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема и да ги исполнува пропишаните барања во поглед на заштита на животната средина.

- Според член 42 од Законот за возила, доколку се утврди техничка неисправност на возилото, возачот добива казна од 400 евра затоа што вози возило без исправни сопирачки, без исправен систем за управување, без уред за поврзување на влечното или приклучното возило или вози со лоши пневматици. Правното лице-сопственик на неисправното возило ќе добие глоба во износ од 2.000 евра, а одговорното лице во компанијата ќе плати 500 евра. Казна во износ од 120 евра ќе му се изрече за прекршок на возач што во сообраќајот на патиштата вози возило што нема пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема, или доколку тие не се исправни - објаснија од МВР за прописите во Законот за возила.

Ако при контрола на автобусот се утврди дека е регистриран како технички исправен, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправен, ќе ѝ се одземе Решението за работа на фирмата за вршење технички преглед и правното лице ќе треба да плати казна од 5.000 евра.

Фото: МВР
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема