X
 10.04.2023 Здравје

Фондацијата „Мајкл Џ. Фокс“ направи прашалник со кој можете да откриете дали сте изложени на ризик од Паркинсонова болест

Мајкл Џ.Фокс стекна светска слава во 1985 година со улогата на Марти Мекфлај, кој по игра на случајот патува во минатото и се впушта во една од најлудите научнофантастични авантури што ја карактеризираа поп-културата од 80-тите години.

„Враќање во иднината“ доживеа уште две продолженија, а третото пристигна во кината во 1990 година, само една година пред славниот актер да се соочи со дијагнозата за Паркинсонова болест, која засекогаш му го промени животот.

На врвот на кариерата, на неполни 30 години, лекарите му предвидувале дека ќе може да работи само уште 10 години. Плашејќи се дека публиката повеќе нема да го гледа на ист начин, Фокс реши да ја чува дијагнозата во тајност и да продолжи да работи. По седум години молк, во 1998 година одлучи да се посвети на истражување на оваа невродегенеративна болест. Ја основал фондацијата „Мајкл Џеј Фокс“, чија цел е да најде лек за Паркинсоновата болест, во која досега има инвестирано повеќе од милијарда долари.

Што е Паркинсоновата болест?


Паркинсоновата болест, од која заболуваат повеќе од 8 милиони луѓе во светот, се јавува како резултат на дегенерација на допаминергичните неврони во базалните ганглии, односно се влошуваат нервните клетки кои произведуваат допамин, невротрансмитер одговорен за контролирање на движењето.

Бидејќи Паркинсоновата болест може да предизвика тремор, бавност, вкочанетост и проблеми со одењето и рамнотежата, оваа болест се нарекува и нарушување на движењето.

Симптоми на Паркинсоновата болест

- Паркинсоновата болест е доживотна и прогресивна болест, што значи дека симптомите се појавуваат постепено и полека се влошуваат со текот на времето. Главните симптоми на Паркинсоновата болест се моторни симптоми кои се манифестираат како нарушувања при извршувањето на нормалните движења - пишува на веб-страницата на Фондацијата.

Најчестите моторни симптоми на Паркинсоновата болест

- Вкочанетост: станува збор за вкочанетост на некој екстремитет или делови од телото што потешко се движат.
- Бавност: намалување на спонтани и доброволни движења, во кои може да бидат присутни симптоми како бавен говор, бавно одење со мали чекори, а личноста помалку мавта со рацете и има намален израз на лицето;



- Тремор додека мирува: ритмичко, неволно тресење на прстите, раката или целиот екстремитет кога се опуштени, што исчезнува при доброволно движење.

- Не сите луѓе со Паркинсонова болест ги доживуваат сите три моторни симптоми, но бавноста е секогаш присутна. Иако треморот е најчестиот симптом во моментот на дијагнозата, тој не е нужно присутен кај сите пациенти - се наведува на веб-страницата на Фондацијата.

Покрај споменатите, можат да се појават и други симптоми:

- Проблеми со одење;
- Тешкотии во одржувањето на рамнотежата;
- Тешкотии со координацијата.

Немоторните симптоми понекогаш се нарекуваат „невидливи“ симптоми на Паркинсоновата болест бидејќи не можат да се видат. Тие можат да влијаат врз речиси секој телесен систем, појавувајќи се во секое време во текот на болеста, дури и пред моторните симптоми или дијагнозата. Немоторните симптоми на Паркинсоновата болест се разликуваат по сериозноста од личност до личност и може значително да влијаат врз квалитетот на животот на пациентите.

Паркинсоновата болест може да предизвика:

- Запек: намалено или отежнато испразнување на цревата;
- Низок крвен притисок: пад на крвниот притисок при промена на положбата, на пример, кога станувате, што може да предизвика зашеметеност, вртоглавица или несвестица;
- Сексуални проблеми: еректилна дисфункција кај мажите и намалено либидо кај жените;
- Проблеми со потењето: прекумерно потење, дури и кога не е жешко;
- Проблеми со мокрењето: често мокрење, неволно пуштање на урината или отежнато празнење на мочниот меур.

Промени во расположението и размислувањето: апатија, проблеми со меморијата или размислувањето, нарушување на расположението и психоза.

Прашалник за ризик од Паркинсонова болест:

Д-р Џозеф Јанковиќ, член на научниот советодавен одбор на Фондацијата „Мајкл Џеј Фокс“, го креира овој прашалник со чија помош можете да проверите дали сте изложени на ризик од Паркинсонова болест.

- Ако одговорите потврдно на неколку прашања подолу, разговарајте за овие промени со вашиот матичен лекар. Разговарајте со вашиот лекар дури и ако одговорите не неколку од овие прашања, но чувствувате дека нешто се променило во вашите способности или квалитетот на животот - вели неврологот Јанковиќ.

1. Дали имате забележано дека сè побавно ги извршувате вообичаените дневни активности?
2. Дали имате забележано дека во последно време пишувате со помали букви?
3. Дали вие или некој ваш близок има забележано дека во последно време зборувате нејасно или потивко?
4. Дали имате проблеми со станувањето од седечка положба?
5. Дали ви се тресат усните, рацете и/или нозете?
6. Дали сте забележале дека некој дел од телото ви е покрут од порано?
7. Дали имате проблеми со закопчување или облекување?
8. Дали имате забележано дека ги влечете нозете и/или одите со помали чекори од порано?
9. Дали ви се чини дека вашите стапала се лепат за подот кога одите или се вртите в место?
10. Дали вие или вашите блиски луѓе забележале дека не замавнувате со едната рака додека одите?
11. Дали имате повеќе проблеми со одржувањето на рамнотежата?
12. Дали вие или вашите блиски луѓе забележале дека сте понаведнати?

Извор: Telegram.hr
Фото:  The Michael J. Fox Foundation
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје