X
 10.06.2018 Наша тема

Професија рудар. Кога влегувате и до 3 километри во утробата на Земјата

Лично, најтешко ми беше кога ќе загинеше некој работник. Потоа ние како служба одиме на местото на несреќата, го мериме просторот до милиметар, се прават цртежи и скици, па се бележи каде бил човекот, што се случило... тешки моменти се тие, вели чичко Видан Коневски, поранешен рудар, денес претседател на Здружението на пензионери на Македонска Каменица


Татко ми беше рудар. Се сеќавам, кога бев малечка, трчав низ ливадите околу „Саса“. Пред рудникот сите седнати и јадат. Лицата им беа црни, сите исти, не можете никого да препознаете. Некој тогаш ќе ми викнеше: „Соња, ене го татко ти!“ Ќе го препознаев по насмевката. Тогаш немаше мобилни телефони како денес. Ако задоцнеше половина час, мајка ми веќе плачеше.., раскажува Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.

Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица

Има многу тешки професии на светов, но рударството е нешто посебно. Веројатно затоа и со закон е уредено во јама да не смеат да влегуваат рудари што имаат помалку од 21 година. Затоа е борбата да се врати стариот закон за да можат рударите да се пензионираат на 52 години, а не на 56 како денес.
- Со 56 години тешко се оди во јама. Тешка е работата – вели Стаменкова.

Пред 50 години рударите си ги миеја рацете во реката


Оваа населба е изникната токму од рудникот каде што и денес работат најголем број од населението, кое денес изнесува околу 8.000 жители. Кога Видан Коневски дошол тука пред педесетина години, во населбата имало едно скромно училиште, една полициска станица и неколку куќи.
- Првите рудари си носеа леб од дома, се миеја во реката. Сѐ друго се создаваше постепено и изникна вистинска современа населба – раскажува чичко Видан.

Видан Коневски, претседател на Здружението на пензионери на Македонска Каменица

Тој денес е претседател на Здружението на пензионери на Македонска Каменица. Минувам покрај Здружението каде што вратата е отворена. Ненајавено влегувам и ме дочекуваат љубезни пензионери. Заедно со Кирка Апостоловска, секретарка во Здружението, и Весна Поповска, делегат во Сојузот и претседателка на активот на пензионерки, се подготвуваат за договорениот состанок со невладина организација. Сепак, издвојуваат половина час за да раскажат каков е животот во Македонска Каменица.

Чичко Видан е пензионер веќе 17 години. Претходно работел во геодетската служба во рудникот „Саса“. Сиот работен стаж го минал таму, од 1969 година, кога се вработил во рудникот.
- Работев во геодетска служба, која ги насочува сите објекти во рудникот, хоризонтални и вертикални ходници. Има простории кои се и до 500 метри длабоки, исто како лифт, има коси простории. Мојата служба ги насочуваше ходниците во рудникот, како да се движат за да дојдат рударите до рудното тело, кое е интересно за откопување. Тоа е таа струка која ја нарекуваме и подземен катастар – раскажува Коневски.

Скулптурата на рудар во центарот на градот

Вели дека ја сакал својата професија бидејќи барала педантност во работата. Грешка не е дозволена. Тој што ја работи мора да има добри познавања од математика, нацртна геометрија, проектирање.
- Кога почнував да работам, оваа струка беше дефицитарна, немаше кадри. Јас сум со рударска струка. Учев и завршив во Пробиштип, средно рударско-геолошко училиште. Бидејќи немаше геодетски кадар, јас извршив преквалификација – објаснува тој.
Дека си ја сакал работата зборуваат сите можни признанија што ги доделувал рудникот „Саса“, а последен бил Орден на трудот со златни зраци потпишан од Јанез Дрновшек, тогашен претседател на СФРЈ. Потоа се распаднала државата, а неколку години подоцна заминал во пензија.

Македонска Каменица постои поради рудникот „Саса“

Каков е рударскиот живот? Чичко Видан вели дека рударството е една од најтешките струки.
- И во учебниците во прво одделение пишува за рударството, бидејќи е навистина тешко. Македонска Каменица ја создадоа рударите. Кога почнував, имаше 1.600 работници, сега се околу 800. Луѓето живеат од „Саса“ и ја створија Македонска Каменица – раскажува тој.

Училиштето изградено од самопридонес

Пред неколку децении решиле да издвојат по една месечна плата за да се направи современо училиште, за да има каде да се школуваат децата.
- Не по една дневница, туку по една месечна плата, за да можат учениците да имаат современо училиште. Имавме многу добротворни акции за да го уредиме местово. Македонска Каменица уште во тоа време имаше централно греење. Објектот каде што беа котлите сѐ уште се гледа од патот. Тогаш дојдоа транзицијата и демократијата и го направија своето... Каменица беше првата населба во регионот со спортска сала и олимписки базен. И сето тоа одеше преку рудникот „Саса“. Базенот и денес се користи. Сега имаме две спортски сали – вели тој.

Чичко Видан раскажува дека некои ходници во рудникот одат и до 600 метри длабочина. Хоризонталните ходници се протегаат и до 3 километри. Првиот дел е хоризонтален, па ходниците се двојат, па има коси простории, па повторно хоризонтални.
- Рударството е специфична работа, не е нива - секоја година да ја сееш и да ја жнееш. Онаму каде што заврши еднаш работата, таму веќе не може да се работи, тоа е веќе завршено – раскажува тој.

Најголемите несреќи и причините за нив

Која е најголемата опасност за тие што секој ден влегуваат во јама?
- Невнимание – вели тој.
„Саса“ е рудник за олово и цинк. Во рудникот нема штетни гасови, како во рудниците на јаглен, на пример. Најголема опасност претставуваат одроните.
- Тука на прво место ќе го ставам човечкиот фактор, бидејќи рударите и нивните претпоставени се стручни и секој презема одредени мерки за осигурување на работното место. Понекогаш луѓето го занемаруваат тој дел. Тогаш најчесто се случуваат несакани повреди. Некогаш се случуваат и природни катастрофи, не го исклучувам ниту тој дел. Има и непредвидени работи, но човечкиот фактор секогаш е на прво место – дециден е Коневски.

Реквизитите од „Саса“ денеска се украс во паркот

Ја споменува катастрофата пред подолго време кога загинале повеќе луѓе, враќајќи се од викенд поминат во Паланечко, на локалитет, високо на Руен.
- Беше зима, имаше снег... Ги повлече лавина, неколкумина, наеднаш... Лично, најтешко ми беше кога ќе загинеше некој работник. Потоа ние како служба одиме на местото на несреќата, го мериме просторот до милиметар, се прават цртежи и скици, па се бележи каде бил човекот, што се случило... тешки моменти се тие – вели чичко Видан.

Почитта е најважна од сѐ

Добар и спокоен е пензионерскиот живот во Македонска Каменица. Пензионерите се горди на тоа. Најважно од сѐ е почитта, вели чичко Видан.
- Ако не ги почитувате луѓето, никој нема да ве почитува, така е тоа. Каменица е мало место, сите луѓе се познаваат, имаат добри меѓусебни односи. Нема лоши работи – вели тој.

Кирка Апостоловска, секретарка во Здружението

Кога е човек во пензија, тоа не значи дека завршил со животот. Ако имате активности, тогаш и денот и животот ви се исполнети. Пензионерското здружение во Каменица има 1.300 члена, но се исклучително активни и се издвојуваат од поголемите здруженија. Изминатиот викенд ja организираа традиционалната манифестација „Бабина баница“ на 1.300 метри надморска височина, во месноста Еленец.
- Таму почнале и Првата и Втората балканска војна, луѓето бегале од аскерот во непристапен терен, се криеле од Турците. Ние таму на отворено организираме манифестација, со повеќе екипи. Има натпреварувачки карактер, се меси, се сука и се пече на отворено под вршник. Сите се облечени во народни носии, има награди за трите места. Правиме бина, сите играат и пеат. Така на младите генерации ќе им покажеме како правеле нашите предци – вели чичко Видан.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема