X
 14.06.2018 Живот

Најдобрата мундијалска реклама на сите времиња

Не мора да сакате фудбал за да се воодушевите од добра фудбалска приказна. А оваа приказна за една реклама, најдобрата мундијалска реклама што некогаш е снимена, е токму таква.

Да се победи светскиот првак на натпревар во кој првакот на светот мора да ве победи за да опстане на мундијалот воопшто не е лесно. А Чилеанците го направија токму тоа во 2014 година во групната фаза од Светското првенство во Бразил, и тоа како аутсајдери според дотогашните фудбалски успеси и многубројни фактори, а особено статистички. Но, во животот не секогаш одлучуваат бројките. Има една тајна, и ова е приказна токму за неа.

Приказната не започнува од земјата во која се одржуваше тој мундијал, на кој во „групата на смртта“ еден мал Чиле, пред мечот со големата Холандија ги победи големите Шпанци со 2:0 и премина во осмина-финалето, а светскиот првак го остави да се пакува за дома. Всушност, ова има многу мала врска со Бразил. Оваа приказна започнува под земја.

5 август 2010 година. Само што заврши претходниот мундијал. Во пустината Атакама, во северниот дел од Чиле, земја која се простира речиси на целиот лев западен брег на Јужна Америка, на работа беа многу рудари. Од нив 33 беа најдлабоко, дури 700 метри под земја. И тоа на оддалеченост од 5 километри од влезот на рудникот. А тоа не е баш некој безбеден рудник. Тогаш го прослави својот 121. роденден, со ретки, но недоволни поправки на безбедносните фактори во меѓувреме. Всушност, се случувало таму рудари да загинат и од рушење на окното или имало други ризици со кои живеат таквите работници. Кога малку ќе размислиме, ние и многу малку знаеме за рударите и за она низ што тие минуваат и колку се заслужни за нас. Ние ништо не знаеме за рударите. Уште помалку за рударите во Чиле.

Токму тој 5 август 2010 година, помалку од шест месеци по страшниот земјотрес од 8,8 степени, кој оштети 370.000 домови и уби неколку стотици луѓе, земјата повторно се затресе. Но, само на едно место - токму таму каде што беа рударите во пустината Атакама, во рудникот „Сан Хозе“. Поголема група рудари, кои биле поблиску до излезот кога се поместила големата карпа, веднаш излегле. Но, под нив, речиси сѐ се срушило. А под тој колапс на земјата 33 рудари останаа отсечени од светот.

Густиот облак прашина не се смирил шест часа. Шест часа не можеле да видат ништо. А тоа било само почеток на патењето. Кога се собрале, сфаќајќи дека веќе не постои патот по кој оделе толку длабоко во Земјата, го побарале единствениот спас - качување низ тесните вентилациски отвори. Но, тие биле потесни отколку што налагале прописите. И во нив не постоеле безбедносни скали за вакви случаи, а прописите налагале да постојат. Вкупно 33 рудари останале во просторот од 50 квадратни метри. Имале само две долги клупи и храна за два-три дена за толку мажи. Малку подоцна пробиле пат до еден празен и мрачен тунел, долг 2 километра, и чекале сигурна смрт.

Роднините, колегите, пријателите и власта беа уверени дека се случило најлошото. Кој било обид на вообичаен начин да се пробие до најниските делови од рудникот би бил неуспешен бидејќи земјата била многу нестабилна и користењето на стандардните методи само би ги срушило преостанатите изградени подземни простори. Но немало откажување. Се пробувало со минијатурни дупчалки, кои не би ја вознемирувале земјата премногу. Се пробувало со нив само за да се пробијат тие 700 метри и да се најде место на кое се претпоставувало дека можеби има преживеани. А дупчалките се кршеле. Или ја промашувале саканата локација бидејќи и мапите од рудникот не биле ажурирани како што треба.

Се пробувало со спасители. Тие храбри Чилеанци оделе по познати и непознати патеки. Не нашле ништо и никого. А и не можеле да одат многу далеку. Повторно пробале со минијатурни дупчалки, со пречник од 16 сантиметри Кога една од нив дошла до саканото место, немало никаков одѕив. А деновите минувале. Дури 14 од нив. Многумина ги оплакувале рударите. Две недели под земја можеби е можно да се издржи со резерви од сѐ што ви треба, но тие немале доволно резерви.

Одамна поминал тој кобен 5 август. Дошол на ред 19-ти, кога на една спасувачка екипа на површината ѝ се причинило дека слуша како нешто удира по малата во пречник, а 700 метри долга, дупчалка. Кога ја извадиле, на неа била прикачена порака.

- Добро сме во засолништето, сите 33 - гласела пораката.

Чудо! Живи! Само што понатаму? Како до нив? Како издржале 14 дена со тридневни резерви на храна? Во каква состојба се? Надежта е разбудена, но спасот е предалеку. Всушност, малку кој го гледал бидејќи било невозможно да се пробие доволно широк и доволно долг пат до измачените луѓе под земјата. А меѓу нив имало разни. И искусни, и млади, и духовити, и луѓе со болки. Имало и еден фудбалер.

Фраклин Лобос по фудбалската кариера, во текот на која го викале „магичен минофрлач“  поради убиствените удари, за леб заработувал како рудар, иако своевремено бил член на олимписката селекција на Чиле. И тој бил заробен во рудникот. Исто како Марио Сепулведа, 40-годишен човек со ведар дух. И многу други.

Почнала доставата на мали порции храна по истиот пат по кој одела дупчалката. Дупката била премала за да помине човек. Кога се обиделе да ја прошират дупката, таа почнала да се руши, па се откажале. Морало да се бара ново решение, нов пат. А за такво нешто немало опрема. Додека да стаса од странство, а помогна и НАСА, низ оној мал отвор била уфрлена и камера за да се сними состојбата на рударите. Набрзо потоа Марио Сепулведа организира 40-минутно видеообраќање на рударите до нивните фамилии. Духовит, каков што отсекогаш бил, снимката ја завршил со познатите зборови на репортерите кои се на терен: „А сега одиме назад во студио“.

Имало смеа, но и страв. Делови од рудникот се рушеле и сѐ повеќе се стравувало за животите на 33 рудари. Целата нација чекаше да види што ќе се случи. Целата планета. А деновите минуваа. Петнаесетти. Шеснаесетти. Седумнаесетти...  Тогаш од три правци тргнаа нови дупчалки кон склоништето. А дупчењето одеше бавно. Напнато. Наидувале на празни простори кои порано не биле тука, но и на прецврсти карпи кои долго одолевале. Дваесет и први ден. Дваесет и втори. Триесет и петти. Четириесет и осми. Педесет и трети...

По 69 дена, планот Б, како што беше наречена една дупчалка, успеа. Доволно широка, а доволно прецизна, таа стаса пред двете конкурентки и спасувањето можеше да почне. Еден по еден, рударите влегуваа во специјално направената капсула која ги извлекуваше на површината. Да, земјата и тогаш се спротивставуваше. Се тресеше и се рушеше. Но, на телевизискиот пренос, кој беше следен од повеќе од милијарда луѓе, излезе „магичниот минофрлач“ Лобос и „Супер Марио“, како што медиумите го нарекуваа веселиот и храбар рудар. И сите останати. Сите завршија во болница.

Четири години подоцна, пред почетокот на Мундијалот во Бразил 2014 година, сите тие стоеја над истото место каде што ги проголта земјата. Беа повикани поради една реклама. Пред нив истапи „Супер Марио“ и рече:

- На ова исто место бевме заробени 70 дена. Земјата нѐ проголта. Беше момент да докажеме од што сме направени. Знаевме дека таму горе, надвор, милиони Чилеанци веруваат во нас, а оваа земја беше сведок на сето тоа - рече Марио.

Тој зеде песок и со другарите од рудникот почна да ги полни специјалните мали садови.

- Затоа оваа земја ја носиме во Бразил! И тоа на теренот за тренинг во кампот на нашата репрезентација. Да го наполни со надеж и храброст. И да му покаже на светот дека ништо не е невозможно за Чилеанците! Шпанците се силни?! Холанѓаните се силни?! Не се плашиме од „групата на смртта“! Не ни е гајле за смртта. Бидејќи ние смртта веќе ја победивме - рече Марио.

Тоа беше и остана најдобрата мундијалска реклама на сите времиња. Чиле со ваквата порака на рударите воодушеви не само во „групата на смртта“, туку и во нокаут-фазата. Една година подоцна, првпат во историјата стана шампион на Јужна Америка, а потоа во 2016 уште еднаш.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот