Имам три деца, сите се во Швајцарија. Ќерките одамна се отидени, сега и синот замина, нема една година, вели Димитар Христов, пензионер, инструменталист во Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“
Чисто и зелено, фантастичен воздух, тревници скоцкани под конец, кејот на реката раззеленет, паркчиња уредени со цвеќиња. Деца трчкаат низ паркот, играат во вагончињата што денес се украс во паркот, а некогаш изнесувале руда од „Саса“. Две кафулиња полни со млади луѓе, најголем дел од нив стокмени исто така - под конец. До врв полно езеро покрај градот, на надморска височина од 540 метри, добивате впечаток дека не сте на Балканот.
Црквата во Македонска Каменица
На прв поглед, од ништо не можете да заклучите дека и Македонска Каменица се соочува со масовно иселување на младите. Според неофицијалната статистика, околу 1.500 луѓе си заминале во последните години. Градоначалничката Соња Стаменкова вели дека миграцијата е горливо прашање, а тоа се должи на фактот што истокот во последните години беше буквално заборавен. Таа бара алтернативи младите да останат во градот. Покрај неповратните средства од 4.000 до 10.000 евра што ги дава Владата, Општината нуди секаква нематеријална поддршка за почеток на нови бизниси.
Паркот во центарот на гратчето
Македонска Каменица живее од рудникот за олово и цинк „Саса“. Ова е една од најбогатите општини во Македонија бидејќи просечна плата во рудникот е околу 600 евра. Таму работат околу 800 рудари, сосе останатите кадри кои даваат логистика има околу 1.000 вработени. Ова е главната дејност поради која пораснала населбата во седумдесеттите години. Во градот има средно училиште со рударска насока од каде што главно се црпат новите сили на вработените во „Саса“.
Разочарани од сегашноста
Трендот од последната деценија не ја одминал ниту Македонска Каменица. Често градот го нарекуваат новиот „Лас Вегас“ во Македонија. Казина наеднаш никнале во градот, денеска работат две-три. Граѓаните велат дека рударите како што ја земаат платата, влегуваат во казино и тука ја оставаат целата заработувачка. Поголем дел од жителите веднаш би потпишале петиција да се затворат коцкарниците. Мештаните раскажуваат дека често во казината влегуваат бесните сопруги и ги вадат мажите од коцкарниците.
Зошто младите се иселуваат кога во Каменица има добри услови за живот? Пред Домот на културата на клупа седи Драги Поповски. Има 41 година, невработен е. Кога бил млад, работел во радиото, но одамна е затворено. Бил игроорец во Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“. Сега го чека денот кога ќе замине во Италија кај роднините.
Драги Поповски, невработен. Го чека денот кога ќе замине во Италија
Разочаран е од сегашноста. Се навраќа на времето кога бил ученик, кога бил воспитуван да биде чесен, да ги почитува постарите.
- Кај младите денеска има голема разлика. Многу нечесен народ има, сите земаат индекс со мито и корупција, за чесните луѓе нема работа. Тука живеат само православни Македонци. Политички се сите определени, во два табора. Во последните две децении има голем раздор меѓу народот. Младите немаат култура, однесување, емоции, чувства, почит кон постарите... тоа не постои – вели Драги.
Околу центарот на градот, во шумовитиот дел се градат многу нови куќи. Сите на неколку ката. Драги смета дека луѓето што вложуваат во недвижности никогаш нема да можат да си ги вратат парите бидејќи помали станови се продаваат по цена од 5.000 до 8.000 евра.
- Во Македонска Каменица поединци имаат од што да живеат и ним им е добро, а повеќемина страдаат и патат. Нема земјоделство, нема други дејности. Рудникот е единствена шанса за опстанок. Тие што работат таму имаат стаж, може ќе си останат тука. А што со другите? Што да се прави, каде сите овци, не двој се од стадото. Ме влече родното место, но кога немаш од што да живееш? Би заминал – вели Драги.
Сите разговори завршуваат со политика
Покрај клупата минуваат Роза и Весна.
- Ќе нѐ сликате и нас? – прашуваат.
Роза и Весна, работат во комуналното претпријатие за плата од 7.000 денари
Се враќаат од работа во комуналното претпријатие. Тие го одржуваат зеленилото во градот. Родени се, живеат и работат во Македонска Каменица.
- Цвеќарство, китки садиме. Чисто ни е многу. Мирно е и чесно. Сме биле во Скопје и знаеме каква депонија е. Само со возилата не можете да се справите. Да ти кажам, мирно е тука, убаво. Со рудникот има егзистенција – вели Роза.
Велат дека кога рудникот бил државен, било многу поубаво отколку денес. Сепак, се согласуваат дека и денес обезбедува најдобра егзистенција во градот.
- Ако не е рудникот, Каменица ќе падне. Минимална плата во конфекциите е 12.000 денари. Нашата е најниска, ни осигурани, 7.000 денари земаме, во комуналното претпријатие. Секојдневно си чистиме – вели Весна.
Сите разговори завршуваат во иста насока – политика. ВМРО или СДСМ. Било подобро во времето на претходниот градоначалник Дарко Митревски, од првата, или сега со градоначалничката Соња Стаменкова, од втората партија.
Убаво е, ама нешто не е во ред - младите си одат
Поминува Димитар Христов, пензионер, инструменталист во Културно-уметничкото друштво. Свири на тамбура.
- Пред избори викаа младите да ги вратиме. Не што не ги вратија, туку и тие што беа си отидоа. За изборите се префрлија во оваа партија, сега сите се каат што направиле така.
Рудникот е многу богат. Тоа е европски рудник, нема што. Штрајкуваа за повисока плата, им покачија по 5.500 денари – раскажува тој.
Димитар Христов, сите деца му се во Швајцарија
Вели дека останал малку народ во Каменица. Во август ќе се вратат сите, ќе се наполни градот и потоа сите ќе си одат. Зависи кој каде - Италија, Германија, кој каде ќе успее.
- Имам три деца, сите се во Швајцарија. Ќерките одамна се отидени, сега и синот замина, нема една година. Нема каде да одат... што ќе работат тука. Тој има веќе 47-48 години. На оваа возраст во рудникот нема да го примат. Работеше на дупчење, на истражување на рудата, преку бугарска фирма. Не им плаќаа редовно. Кога сакаа, им даваа плата, па ќе им дадат дел, па другиот нема да им го исплатат...
Плоштадот во Македонска Каменица. Убаво е, ама младите си одат.
Тој е во пензија од 1994 година. Работел како електричар. Вели дека има добра пензија, ама со неа не може сите деца и внуци да ги прехрани.
- Да не е рудникот, луѓето нема да имаат што да јадат. Нема од што друго за земат динар, пара. Кочани, Виница произведуваат ориз, пиперки, сѐ, тука нема што да произведат. Јас сум од горе, од село. Сѐ што се раѓаше, жито, сè се упропасти. Луѓето се повлекоа, нема кој да одгледува. Пензионер како мене веќе не може да излезе дрва да си набави, а не пак нива да работи. Македонска Каменица е убава. Не е густо населена, секој слободен простор е претворен во парк, асфалт има секаде. Имаме еден од најубавите домови на културата во Македонија. Водоводот е сосема обновен, сѐ е направено, ама нешто не е во ред. Младите си одат – вели чичко Димитар.