Постар човек ја барал на портирница во Општината зашто таа најдобро му ги миела ушите. А други доаѓаат и прашуваат: „А каде сега се наоѓа ординацијата на градоначалничката?“
Го познава секој жител на општината, буквално секој. Кој се родил, кој заминал, кој отишол да студира во Скопје, кој се иселил од Македонија. Вели дека победила на изборите во „најмашката“ општина во Македонија, бидејќи најголемиот дел од вработеното население во рударската општина Македонска Каменица се мажи. А тие го дале својот глас за неа.
Соња Стаменкова веќе шест месеци е градоначалничка на Каменица. Ќерка на рудар, родена е во селото Саса. Психолог по професија, гешталт-терапевт, работела 30 години како медицинска сестра. Работела како патронажна сестра и како акушерка и помогнала да се родат многу бебиња. Пред само дузина години по 70 бебиња се раѓале во Каменица. А тоа не е мала бројка за место со повеќе од 8.000 жители. Таа раскажува многу анегдоти. Постар човек ја побарал на портирница во Општината зашто таа најдобро му ги миела ушите. А други доаѓаат и прашуваат: „А каде сега се наоѓа ординацијата на градоначалничката?“
Факултети.мк во рамките на посетата на градовите низ земјава ја посети Македонска Каменица. Со инспиративната градоначалничка зборуваме за перспективата на ова мало место, за животот на рударите, образованието, иселувањето на младите...
Соња Стаменкова, повеќе седи тука отколку на работното биро
Шест месеци сте на оваа позиција. Велите дека е успех кога во машка општина жена ќе добие доволно гласови за да стане градоначалник...
- Кога се претставувавме како жени-градоначалници, споменав дека јас победив во „најмашката“ општина. Ме прашаа каква е таа најмашка општина? Им кажав дека најмногу мажи работат во Македонска Каменица. Луѓето се надминаа себеси, Македонска Каменица се надмина. Имав дилема дали маж ќе заокружи жена? Како што ме прифатија за кандидат, така и гласаа за мене. Функцијата е одговорна, бара посветеност, надградба, бара учење. Иако јас како советник во претходните четири години веќе ја познавав проблематиката. Има дополнителни ангажмани, но општинската администрација е соработлива и ми е од голема помош. Задоволството е огромно кога правите нешто за луѓето со кои сте живееле 50 години. Преубаво е кога ќе видите задоволни граѓани. Знам дека има и такви што не се задоволни, но затоа сме сите тука. Општината е отворена за секого, тоа го ветивме, тоа го правиме.
Влезот во општинската зграда
Триесет години сте работеле како медицинска сестра, по професија сте психолог. Колку претходното искуство Ви помага сега во работата?
- Буквално го познавам секој човек што се родил, до последниот жител. Со многу од нив сум имала контакти во долгогодишното искуство. За жал, таква ми била професијата, кога луѓето најчесто биле болни. Три години работев како патронажна сестра. Тоа е прекрасно искуство – да го споделувате најубавиот момент, кога во семејството се раѓа нов член. Сето тоа придонело да бидам поблиска со мајките, да ги делам со луѓето радосните моменти. Такви има и во болеста. Кога ќе оздрави некој на кој сте му дале помош и нега, чувството е преубаво. Здравјето е најскапо. Кога луѓето бараат и добиваат помош, верувајте, доволно е само да ја видите благодарноста во нивните очи. Еднаш здравствен работник – секогаш здравствен работник. Кога ќе ми заврши мандатот, не знам дали ќе продолжам да се занимавам со здравство. Но, тоа ќе ми остане во срцето. Луѓето и тука кога ќе дојдат, често бараат совети. Дошол еден човек на портирница и рекол: „Таа најубаво ми ги миеше ушите, затоа ми треба. Поздравете ја градоначалничката“. Луѓе прашуваат каде ми е ординацијата.
Мајка ми ми беше голема поддршка. Ми недостига многу...
Дипломиран психолог, гешталт-терапевт, медицинска сестра, градоначалничка... Кажете ни нешто за семејството.
- Ќерка ми студира психологија. Подоцна почна. Се заинтересира за гешталт додека ми помагаше, заедно преведувавме литература на македонски јазик. Кога постигнав одредени резултати во психотерапија, ми рече: „Ова било многу убава работа“. Сега е при крај на студиите. Тука живее, нема афинитет да си замине од Македонија. Сака тука да остане. Живеам со семејството. Мајка ми почина пред две години. Ми беше голема поддршка, жена домаќинка, но имаше многу широки погледи на светот. Велеше: „Луѓето се качија на Месечината, вие сè уште не сте полагале за возачка дозвола“. Ме поддржа да завршам факултет, па да се образовам за гешталт-психотерапевт. Ми недостига сега, многу ми недостига. Секогаш, за што било, ми текнува на неа. Ми велеше дека не сум за градоначалник зашто имам многу мека душа: „Ќе има луѓе незадоволни, а ти тоа ќе го доживуваш лично...“ Не знам дали денес би ѝ било драго...
Општината има околу 8.000 жители. Каква е родовата застапеност, просечната старост?
- Со последниот попис мислам дека 52 отсто се жени, останатите се мажи. Добар дел од машката популација, тие што студираа, останаа во Скопје или заминаа за странство. Правевме наша мини-анализа, околу 1.500 жители се заминати. Повозрасната популација секако е помногубројна.
Средното училиште - главниот извор каде што се образоваат новите генерации рудари
Колку училишта има во Македонска Каменица?
- Има едно основно и едно средно општинско училиште. Во средното има рударска и текстилна струка и општа гимназија. Училиштето тука броеше и над 1500-1600 ученици, сега мислам дека има околу 600. Во споредба со времето кога растеа нашите деца, сега бројката е трипати помала. Условите се одлични, според архитектурата, имаме едно од најубавите училишта. Во 1983 година е изградено и пуштено во употреба. Планирам сосема да го реновираме. Иако имаме намален број на деца, училиштето мора да биде во одлична состојба. Го поддржуваме училишниот спорт, се издвојуваат пари за ракомет, за кошаркари - се надевам и навивам клубот да биде државен првак во М16. Имаме женски фудбалски клуб во кој Општината вложува средства.
Деца денес си играат во вагоните што порано носеле руда, а сега се декорација во паркот
Колку вложувате во поддршка и развој на образованието?
- Како Општина сме ликвидни, имаме сигурни приходи до концесијата од рудникот Саса, околу 2 милиона евра годишно. Можеме да планираме и да одвојуваме средства годишно за еколошки, за спортски друштва. Барем тука да придонесеме за младите да останат и да се занимаваат со спорт. Внука ми од Скопје вели дека сака да живее и да спортува во Каменица затоа што тука ако одите на ракомет, се плаќаат 250 денари, а во Скопје – 800 денари. Има добри услови. Годинава го зголемивме бројот на стипендии од 12 на 20. По осум во основно и во средно училиште и четири стипендии за државните универзитети. Го зголемивме и износот - 2.500 на 3.000 денари месечно. Тоа е дополнителна мотивација за талентираните ученици што постигнуваат успех. Го зголемивме од 800.000 на 1 милион денари буџетот за помош на училиштето за поквалитетна исхрана во целодневната настава. Сè што било добро досега останува, со тоа што го надградуваме понатаму. Ќе го реконструираме училишниот двор, ќе биде готов пред почетокот на летото. Училишниот двор е двор од нашето детство. Сите убави моменти, настани, се случувале тука. Ние немавме плоштад, сите настани се случуваа тука, луѓето се емотивно врзани за оваа локација. Со реконструкцијата ќе биде уште попријатно место. Тоа е донација од рудникот Саса, ќе биде покриено со тартан-подлога.
Споменикот на рудар во центарот на Каменица
Рудникот Саса е главниот економски потенцијал на Македонска Каменица. Кој стопанисува сега со рудникот?
- „Азија централ металс“ со седиште во Лондон. Компанијата високо котира на берзата. Рудникот Саса е општествено одговорна компанија, вклучена е во сите сфери на живеењето. Откако го презедоа рудникот, ги собраа сите невладини организации, училишта, директори, ги слушнаа барањата, ги ставија на хартија, дозволија комисија да одлучува за приоритетни проекти. Има интегрирана еколошка дозвола, дополнително вложува во заштитата на околината. Отворија расадник, засадуваат критични површини.
Рудникот беше рестартиран во 2006 година. Претходно не работеше три години, кога Каменица се соочи со масивно иселување. Во рудникот се стопанисуваат олово и цинк. Сакаме да најдеме и друга алтернатива, но тоа не може да биде пандан на рудникот Саса - да вработи 700 луѓе. Ако Осогово се прогласи за заштитено подрачје, можностите за развој на туризмот ќе бидат многу поголеми. Предвидено е земјиште за економска зона. Но, тешко оди пронаоѓањето инвеститори. Досега бевме отсечени поради патиштата. Таму каде што немате инфраструктура, интересот е многу мал. Ме радува што интензивно се работи на патот. И тоа ќе отвори простор за потенцијални инвеститори. Веќе има еден. Сака да инвестира во дрвна индустрија, во местото каде што е роден, за кое е емотивно врзан. Правиме максимални напори да го поврземе со сите институции на сите нивоа за да успееме да ја донесеме оваа инвестиција. Иако е мало нешто, за нас би било многу.
Кејот е среден „под конец“
Се добива впечаток дека градот е чист. Во каква еколошка состојба е општината?
- Главен проблем во целата држава се депониите што се наоѓаат блиску до населените места. Градот е чист. Имаме неколку диви депонии што ќе бидат отстранети во текот на овие два месеца. Набавивме 20 нови контејнери со поголема запремнина, сега се затворени, тие ќе ги заменат дивите депонии. Ме радува што во Програмата за управување со отпад, Североисточниот и Источниот регион се во најнапредна фаза во однос на поддршката од швајцарската амбасада. Тоа се околу 26 милиони евра. Парите се веќе издвоени, а дополнителни 20 милиони евра се предвидени за третирање на местата каде што во моментот се одлага отпадот. Во Македонска Каменица нема да постои депонија, туку ќе биде претоварна станица по сите европски стандарди. Регионалната депонија ќе биде во Свети Николе. Со рудникот Саса планиравме да поставиме мерни станици за мерење на загадувањето на воздухот. Си презедовме обврска да обезбедиме бактериолошки чиста вода за пиење.
Црквата со мало параклисче
Македонска Каменица има сериозен проблем со иселувањето. Како се справувате?
- Горливо прашање. Не ми е драго, но факт е дека истокот во последните години беше буквално заборавен. Верувам дека миграцијата е најголема тука кај нас и не би сакала да продолжи. Големи се заложбите, бараме алтернативи, заживување на туризмот, на алтернативни гранки и мотивирање на младите. Има програма за млади, заедно со Владата и нудењето од 4.000 до 10.000 евра неповратни средства за оригинални бизнис-идеи, да ги поттикнеме младите да останат тука. Нудиме нематеријална поддршка. Имаме многу простории што можеме да ги отстапиме бесплатно, простор за работа, правна, економска помош. Ако имаат бизнис-идеја, а се млади и немаат тим, им нудиме помош да не плаќаат дополнително. Имавме случај со млад адвокат, како правник бараше работа, си направи бизнис-план, аплицираше и доби максимални средства. Сега е самостоен адвокат, работи тука во Каменица. Друг направи програма за пчеларство, доби пари и ќе ги искористи за зголемување на обемот на работа. Ги повикувам младите да го искористат интелектуалниот капацитет. Зошто на Западот да му даваме услуга и евтина работна рака во нешто во што не вложиле?
Главното мото на рударите
Велите Општината е ликвидна. Имате ли податоци колкава е просечната плата?
- Нема официјална статистика. Пред зголемувањето на платите во рудникот рударите имаа околу 500 евра, по штрајкот во март зголемена е за 5.500 денари. Просекот е поголем во однос на другите градови. Има млади во рудникот, но, сепак, генералниот директор е загрижен зашто поголем дел од вработените имаат повеќе од 40 години. Направија програма да ги преземаат средношколците од рударската струка. Со Законот за рударство, во рудник и во јама може да работи некој што има наполнето 21 година. Образованието се завршува на 19 години. Каде ќе одат во наредните две години? Затоа веднаш ги преземаат откако ќе завршат средно. Ги вработуваат и две години работат надвор од јама, ја учат полека работата и навлегуваат во неа. Така ги мотивираат младите да останат. Рударите имаат бенефициран стаж, заминуваат во пензија на 56 години. Сепак, се работи на процесот да се врати стариот закон во функција, да се пензионираат на 52 години. Со 56 години тешко се оди во јама. Тешка е работата.
Во последните години се отворија неколку казина во градот. Како се одразува тоа на граѓаните?
- Мислам дека во моментот има три казина. Сопствениците не се од Македонска Каменица, не се регистрирани тука, значи по основа на данок, придонеси, ние како Општина немаме ефект врз економијата, освен што луѓето си ги оставаат таму тешко заработените пари. Мажите ги посетуваат казината. Гневот кај жените е голем. Се случило некоја жена да го бара мажот во казино. Тенденцијата на коцкањето е лесна заработувачка. Кога би имало петиција или некакво движење, верувам дека во Македонска Каменица ќе надвладее гласот на тие што не ги сакаат казината.
Иднината на Македонска Каменица
Цела Македонија има проблем со наталитетот. Каква е состојбата во Македонска Каменица?
- Јас работев како акушерка три години, кога се раѓаа по 70 деца, во здравствена станица, со две акушерки. Тоа било пред 12-13 години. Со реформите во здравството беше одлучено дека акушерки не можат да работат самостојно, без гинеколог, што за мене е нелогично зашто одговорноста на медицинската сестра и на акушерката е огромна. Тука веќе не се вршат породувања, освен инцидентни случаи. Во Делчево има одделение каде што се пораѓаат жените. За младите тоа е добро зашто тие си сакаат гинеколог, поголема им е сигурноста. Но, знаете, голем е проблемот со специјалисти во Македонија – тематика за која можам да разговарам пет дена. Стратегијата во здравството... дефинитивно треба нешто од корен да се смени, да се стимулираат младите, да се зголемат платите за да имаат мотив да останат. А не паралелно со последната година на факултет да учат германски јазик – за да заминат.