X
 15.01.2025 Живот

Дури и нордиските затвори се соочуваат со преполнетост и недостиг на вработени

Луѓето што се залагаат за реформи во затворите често ги посочуваат нордиските земји како пример како треба да биде уреден тој систем. Ниските стапки на затворени лица и похуманиот пристап кон затворањето во овие земји долго време се сметаа за исклучителни.

Во Норвешка, Финска, Данска Шведска и Исланд животот во затвор личи на надворешниот свет колку што е можно повеќе. Сепак, како и секој затворски систем, ниту тие не се совршени. Кривичните политики во овие земји сега носат многу повеќе казни отколку пред 40 години. Има повеќе причини за ова, како поголемата поддршка за конзервативните партии и построги пристапи кон криминалот и помало потпирање на експертите во криминалната политика.

Како резултат на сето ова, нордиските земји се соочуваат со предизвици слични на оние во Велика Британија - преголем број на затвореници и мал број на вработени.

Норвешка

Затворениците во Норвешка имаат право да гласаат, а за нивните медицински потреби и образование се грижат истите лекари и наставници кои работат во блиските заедници. Во многу затвори имаат право на брачни посети.

Затворскиот систем во Норвешка е фален поради ниските стапки на рецидивизам (само 20 отсто по 2 години), иако треба да се напомене дека многу затвореници во Норвешка се странци, па половина од нив се депортираат откако ќе ја отслужат казната.

Општо земено, криминалците во нордиските земји се казнуваат преку губење на слободата, додека задржуваат други права. Времето во затвор се поминува во обиди да им се помогне на затворениците да живеат живот без криминал.

Во годишниот извештај за посетата на еден норвешки затвор, тамошниот парламентарен омбудсман истакна загриженост за инциденти со самоповредување, премалку вработени и претерана употреба на казнување со самица. Во 2022 година имало 20 пати повеќе инциденти со самоповредување во споредба со 4 години претходно.

Финска

Во 60-тите и 70-тите години Финска имаше највисока стапка на затворени лица во Западна Европа. Потоа беа направени реформи за да се реши тоа и до 90-тите стапката беше меѓу најниските, а Финците генерално ја одржаа. Но, трендот можеби се враќа, делумно поради построгите кривични политики, со построги казни за сексуални престапници и вооружен криминал.

Финските затвори, исто како оние во Норвешка, се сметаат за иновативни. Затворите се дизајнирани да бидат што е можно пофини, а затворениците се охрабруваат да имаат контрола врз своите животи и да останат поврзани со нивните заедници. Целта е да им се помогне да се реинтегрираат во општеството кога ќе излезат на слобода.

Лани финските затворски служби соопштија дека затворите во земјата се полни. Тие истакнаа загриженост дека поради капацитетот, затворениците не добиваат доволно време надвор од ќелиите, ниту доволно пристап до значителни активности.

Колку што се преполни со затвореници, толку фалат вработени. Поради кратењата на буџетот во периодот од 2006 до 2016 година, со кои околу 17 проценти од бројот на работни места беа скратени, има недостиг на полицајци кои ја поминале тренинг-програмата од 16 месеци. Поради тоа што неквалификуваните полицајци не можат да работат вакви задачи, ова става поголем притисок врз квалификуваните, кои се во недоволен број.

Данска

Во последните неколку години и Данска се соочува со предизвици од преполни затвори. Стапката на зафатеност на данските затвори во 2023 година беше 101,2 отсто, односно 1,2 отсто повеќе од капацитетот, што е најголем процент во околу 80 години. Ова е резултат на промените, како подолги затворски казни за силување и насилни напади.

Во 2019 година 4 пати повеќе луѓе поминале време во самица во споредба со 2001 година. Како резултат на тоа, затворските служби истакнале загриженост за нивната способност да изградат позитивни врски со затворениците. Тоа го отежнува динамичното осигурување - техника со која вработените во затворот ги оценуваат ризиците преку поминување време со затворениците наместо потпирање само на камерите.

Додека бројот на затвореници се зголеми, бројот на вработени во затворите се намали 11. година по ред. Во 2023 година имаше 27 проценти помалку затворски службеници во споредба со една деценија претходно поради тешкотиите во регрутирањето и задржувањето на персоналот.

Во некои затвори во Данска вработени во работилници – кои помагаат во подобрување на вештините на затворениците – морале да им помагаат на затворските службеници во нивните должности, што значи дека многу работилници биле затворени.

Данските затвори се соочуваат со свои предизвици. Студија од 2020 година за моментални и поранешни затворски службеници покажала дека 11 отсто имаат дијагноза за посттрауматско стресно растројство, додека нивните нивоа на болести се повеќе од 50 отсто повисоки од другите државни службеници. Во просек, секој ден има напад над затворски службеник.

Бројот на луѓе во притвор пред судење во Данска е зголемен од 2017 година, па последните податоци покажуваат дека тие изнесуваат околу 38,8 отсто од луѓето во затворите. Често, тие се сами во ќелиите 23 часа на ден, без оглед на презумпцијата на невиност.

Годинава во Данска има ризик од недостиг на илјада места во затворите. Затоа оваа земја реши да изнајми 300 затворски места во Косово. Експерти често изразуваа грижа за проблеми со човековите права што може да ги предизвика овој договор, вклучувајќи го и отежнувањето за затворениците да бидат посетени од саканите. Комитетот за превенција на мачењето при посета на Косово во 2021 година истакна загриженост за преваленцијата на корупција меѓу затворските службеници и физичкото насилство врз затворениците.

Нордиските земји сè уште се извор на инспирација во однос на нивната помала популација во затворите и похуманиот пристап. Сепак, како што еволуираат политичките гледишта на криминалот и казните, очигледно и тие не се имуни на проблемите со кои се соочуваат многу земји.

Извор: The Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот