X
 10.06.2021 Наша тема

Образование: Зошто секоја реформа предизвикува хистерија?

Сега сме повторно во еден таков процес кој предизвикува општествени турбуленции. Дали постои страв од промени, дали станува збор за неиздржани и неправилни пристапи во процесите на реформа? Има ли вистински пат до реформирано образование, а некој да не покаже отпор или револт?


Во последните 30 години во Македонија има едно искуство кое како непишано правило се повторува речиси со секоја владејачка гарнитура. Образовниот систем е една од општествените гранки што во овие три децении претрпеа најмногу обиди за реформа и речиси секогаш предизвикуваше општествена хистерија и револт.
Сите тие најавувани и спроведувани реформи на крајот не ги даваа посакуваните резултати, туку водеа од реформа во реформа на реформираното образование.

Според Министерството за образование и наука, клучните сегменти на промените од есен ќе стартуваат во прво и во четврто одделение.
Сега сме повторно во еден таков процес кој предизвикува општествени турбуленции. Зошто секоја реформа наидува на отпор?
Зошто реформите во образованието предизвикуваат хистерија? Дали постои страв од промени, дали станува збор за неиздржани и неправилни пристапи во процесите на реформа? Има ли вистински пат до реформирано образование, а некој да не покаже отпор или револт?
Но, сите, и родителите и наставниците, се согласни дека на македонскиот образовен систем му се потребни итни реформи.

Брзи и неподготвени процеси


Весела Богдановиќ, одделенски наставник во ОУ „Кочо Рацин“ од село Ивањевци, Општина Могила, вели дека сите реформи во образованието треба да се прават полека и внимателно, а тоа значи издржано и проверено.
- Реформи, особено во образованието, секогаш се добредојдени. Дигитализација секако е потребна, но не треба да се носат избрзани работи. Сè треба да биде темелно осмислено и за сè е потребно време. Ако се прави нешто, треба да се прави долгорочно, да се испита, да се провери како тоа ќе изгледа во некои средини, на пример, во руралните - посочува Богдановиќ.


Весела Богдановиќ, одделенски наставник

Според неа, јавноста реагира жестоко на сите овие реформи зашто веќе ѝ е познато дека кај нас сè се прави избрзано.
- Досега сè се случува како под тепих да е поминато. Без разлика колку квалитетни луѓе се вклучени во овие промени, сепак сè се прави во краток рок. И затоа се очекува тоа да има недостатоци. Решението за ваквите промени е да се направат како пилот-решение. Пилотирањето е и светски тренд - додава наставничката.
Предлага дека со пилотирање на реформите требало да се почне од септември, на пример, во 10 училишта во државата, а во преостанатите истовремено да се врши инфраструктурно приспособување.
- На пример, јас не можам во моето училиште да седам на работа по осум часа зашто немаме услови за тоа, немаме простории. А и досега користев и други ресурси покрај учебниците, други алатки - додава таа.
Заклучува дека не е против промените, но нешто на кое треба да се работи е и мотивираноста на кадарот, на кој, смета таа, никој не помислил.

Демотивирани наставници и ученици

Светлана Димитриевска, професорка по пијано во училиштето „Илија Николовски-Луј“, смета дека реформите во образованието се многу сензитивна тема и болна точка зашто од осамостојувањето на нашата држава образованието оди во надолна линија.

- Ниту еден обид, ниту една реформа не даде позитивен резултат. Професијата наставник е деградирана до неприфатливо и веќе штетно ниво. Партизацијата на образованието го зеде својот данок, кој сите ние скапо го плаќаме. Производ на сето тоа се демотивирани наставници, ученици и незадоволни родители - вели професорката.


Светлана Димитриевска, професорка по пијано

Според неа, постои и неинформираност и недоверба кај родителите, а за да се надмине сето тоа, Министерството за образование и наука треба да има јасна стратегија за што подобро да ги доближи плановите и реформите до јавноста, односно да се воспостави доверба во институциите и во нивната добронамерност за децата и нивното образование, без заднински партиски интереси.
- Секако, брзината со која се носат решенија, се прават реформи и се обучува наставниот кадар, создава доза на оправдан скептицизам. Тимот кој ја креира реформата се очекува да биде со потребна и соодветна стручна подготовка. Досега низ годините видовме примери како се игнорираат мислења и сугестии од релевантни образовни и научни институции.
Но, сепак, од некаде треба да се почне. Неизбежно е подигнување на критериумите за професијата наставник и вложување во кадарот, неизбежно е да се цени, почитува и уважува мислењето на истакнати професори. Тоа е појдовната точка за една реформа да биде успешна - додава проф. Димитриевска.
Таа смета дека само довербата и добронамерноста во интерес на децата и нивниот развој и образование можат да дадат резултати.

Страв од промени

Универзитетскиот професор Људмил Спасов вели дека во природата на човекот е да се плаши од промени, особено кога се работи за младината, за децата. Родителите се плашат дека на децата ќе им се наметне нешто ново кое тие нема да можат да го совладаат и дека ќе биде погубно за нив. И тоа, според него, е оправдано.

- Истото се случуваше и кога се воведуваше програмата „Кембриџ“ - посочува професорот.
Иако вели дека не е целосно запознаен со сите детали околу реформите во образовниот процес, сепак смета дека тоа не е само кај нас измислено, туку е цел процес кој веќе се одвива во земјите на Европската Унија.
- И во Хрватска има дискусии на оваа тема - посочува Спасов.


Професор Људмил Спасов

Дигитализацијата, Спасов ја подразбира како комбиниран процес кој треба да е вклучен во образованието.
- Децата уште од најмала возраст мора да се воведуваат во дигиталниот процес на учење зашто така функционира и светот. Но, секако дека мора да постојат и учебниците. Дигитализацијата е дополнување на образовниот процес. Тоа е чекорот напред - додава тој, иако потенцира дека во целиот овој процес се вплеткуваат и политички мотиви, односно има политичка подлога.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема