X
 02.01.2025 Здравје

Многуте часови поминати во седење се многу штетни за здравјето дури и ако вежбате

Знаеме дека премногу седење е лошо за нас, но една нова студија додава важен детаљ на таа информација: ако поминувате повеќе од 10,5 часа дневно седејќи или лежејќи, редовното вежбање можеби нема да биде доволно за да се спречи појавата на сериозни проблеми со срцето.

Истражувачите од институтот „Брод“ при МИТ и Харвард велат дека треба да се воведат упатства за максималното време што луѓето треба да го поминуваат седејќи - како и за минималното време што треба да го поминат во вежбање.

- Нашите наоди го поддржуваат намалувањето на времето поминато во седење за да се намали кардиоваскуларниот ризик, со 10,6 часа на ден, што означува потенцијално клучен праг врзан за појава на повисока срцева слабост и кардиоваскуларна смртност - вели кардиологот Шаан Куршид од Општата болница во Масачусетс и Институтот „Брод“.

Тоа значи дека ако премногу се поминува време во седење или лежење, дури и оние што се активни, може да биде штетно за здравјето на срцето. Студијата анализирала податоци за активноста на 89.530 луѓе, со просечна возраст од 62 години, од кои било побарано да носат фитнес-тракери една недела. Овие податоци биле следени во период од 8 години.

Просечното седечко време било 9,4 часа на ден, но во 10,6 часа дневно се чинело дека има точка на промена. Оние што седеле најмалку 10,6 часа имале 40 отсто поголем ризик од срцева слабост и 54 отсто поголем ризик од кардиоваскуларна смртност, во споредба со оние што седеле помалку.

Поединците што не вежбале редовно се соочувале со најголеми здравствени ризици, но дури и оние што имале до 150 минути или повеќе умерена до енергична физичка активност неделно сè уште покажале здравствени реперкусии.

Оние што седеле 10,6 часа или повеќе, но ги исполнувале препораките за вежбање, имале 15 проценти поголема веројатност да доживеат срцева слабост и 33 проценти поголема веројатност да починат од кардиоваскуларни проблеми во споредба со оние што седеле помалку.

Истражувачите укажуваат на големата предност на оваа анализа поради големиот примерок на учесници и употребата на уреди за носење. Многу студии се потпираат на самоизвестување од учесниците, а луѓето имаат тенденција да потценуваат колку време поминуваат во седење секој ден.

Се разбира, ова не значи дека вежбањето не е важно - многупати сме виделе дека секое зголемување на активноста може да помогне во подобрувањето на здравјето, но исто така е важно да следиме колку време поминуваме во седење во текот на денот.

- Идните упатства и напорите на институциите за јавното здравје треба да ја нагласат важноста на намалувањето на времето за седење - заклучува Куршид.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје