X
 10.07.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Зошто „Галичка свадба“ никогаш нема да биде под заштита на УНЕСКО?

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја

„Галичка свадба“ традиционално се одржува на 12 јули.


Денешната манифестација „Галичка свадба“ / Фото: Википедија

„Галичка свадба“ се одржува секоја година во мијачкото село Галичник. Стотина статисти, облечени во живописни народни носии, ги изведуваат обичаите од минатото за да ги сочуваат од заборав. Свечената поворка е предводена од коњица, има свадбарско знаме, а момчето и невестата се заветуваат во црквата „Св. Петар и Павле“, изградена во 1930 година. На сите страни ечат зурли и тапани, се играат ора, што е драматично за туристите кои специјално одат во Галичник за да ја проследат манифестацијата.

Архивските податоци велат дека иницијативниот одбор во 1962 година донел одлука да се формира новата културно-туристичка манифестација. Првата „Галичка свадба“ била одржана во 1963 година, а според очевидци, имало илјадници луѓе во публиката. Наредната поминала со малку туристи поради лошото време. Во следните години манифестацијата не се одржала, сѐ 1973 година година кога бил изграден асфалтниот пат. Во тие години сите учесници во манифестацијата биле статисти. Првата вистинска венчавка се одржала во 1991 година, кога младоженците навистина биле венчани во црквата во Галичник. Оттогаш до денес „Галичка свадба“ се одржува секоја година, освен во 2001 година, поради вооружените конфликти во Македонија. Но и тогаш, пред селската чешма било симболично изведено орото „Тешкото“.

Фотографија од свадба во Галичник (1903-1908) / Фото: Википедија

Во изминатите 20 години имало иницијатива „Галичка свадба“ да биде заштитена од Меѓународната организација за наука, образование и култура при Обединетите нации (УНЕСКО) како дел од светското нематеријално наследство. Сепак, ваков премет никогаш не беше доставен до УНЕСКО. И за тоа има причина.


Заштитниците на културното наследство велат дека Македонија изобилува со локалитети, споменични објекти и духовно наследство кои заслужуваат да бидат на некоја од листите на УНЕСКО. Такви се Кокино во Кумановско, Маркови кули кај Прилеп, Слатински Извори во Порече, црквите „Св. Пантелејмон“ во скопското село Нерези, „Св. Ѓорѓи“ кај Старо Нагоричино, Шарена џамија во Тетово и многу други.

Но, нематеријалното наследство се заштитува поинаку. УНЕСКО во 2003 година ја донесе Конвенцијата за заштита на нематеријалното наследство. Организацијата во последните години многу ја форсира заштитата на овој вид оставина бидејќи исчезнува, се губи, престанува да се практикува. Затоа акцентот го става на нивната заштита.

Основен услов за еден обичај да биде ставен на светската листа со нематеријално наследство на УНЕСКО е луѓето да го практикуваат и денес, како дел од нивното секојдневие.


Свадба од 1930 година / Фото: Wikimedia

- Во Галичник веќе не живеат луѓе. „Галичка свадба“ е манифестација која е со одлука формирана пред повеќе години. УНЕСКО тоа не го заштитува. Но, и тоа како може да се заштитат свадбите со слични обичаи кои се практикуваат во реканскиот крај – велат заштитниците на културното наследство.

Такви обичаи што се дел од нематеријално наследство од Македонија беа заштитени од УНЕСКО во изминатите години. Тоа се: обичајот Четрсе што се практикува во Штип, традиционалното машко двогласно пеење од Долни Полог - „Гласоечко“, орото „Копачката“ од Пијанец. УНЕСКО заштити и обичаи што се слават и во нашата и во други земји – пролетната прослава на Хидрелез (Македонија и Турција) и обичајот со мартинките кој го практикуваат луѓето во Македонија, Бугарија, Молдавија и во Романија.


Манифестацијата „Галичка свадба“ денес / Фото: Википедија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема