X
 12.06.2022 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кога во Македонија се користеле грошеви и колку вределе?

Грошот и лирата се пари за кои најмногу сме слушале од народните приказни и веројатно сите барем еднаш сме се запрашале кога се користеле тие пари на нашите простори и колку вределе. Одговорот го најдовме во книгата „Стопанството на Јужна Србија“ („Привреда Јужне Србије“, кога Македонија така се водела) на Милан Гавриловиќ, издадена во 1933 година, каде што детално е објаснето колку вредела една лира, а интересно е и тоа што во нашите предели луѓето користеле два курса за парите.

Така, во книгата е наведено дека до 19 век во Македонија (или Јужна Србија, како што е наведено во книгата) се сметало во аспри, акчи (сребрени ситни пари кои вределе една третина пара), а од 19 век во грошеви. Во Македонија во 19 век во оптек биле турски и странски монети. Најмалите делови од грошот биле парите, а еден грош како парична единица имал 40 пари. Делови од грошот биле од сребро, бакар, плех и никел - мангр (бакарни од 2 пари), половина металика (бакарна од 5 државни или 6 чаршиски пари), металик (плех од 10 или 12 пари), пола мало копче (сребрена пара од половина грош, односно 2 металики).

Авторот објаснува дека грошот бил од бакар, никел и сребро. Сребрениот грош се викал мало копче. Парата од плех се викала пуља и вредела еден и пол грош. Сребрената пара од 2 гроша се викала велико копче, сребрената пара од 5 гроша се викала черек меџедија, сребрената пара од 10 гроша се викала пола бела меџедија и сребрената или бела меџедија била сребрена пара од 20 гроша. Черек жолтата меџедија или лирата била златна пара од 25 златни гроша, половина лира била златна пара од 50 златни гроша, жолтата меџедија или лирата била златна пара од 100 златни гроша и петолирката вредела 500 златни гроша.

Освен споменатите пари, од тефтерите и фактурите на македонските трговци кои Гавриловиќ ги проучувал можело да се види дека во нашите краишта во оптек биле и други турски и странски пари, на пример: мендуија (20,20 гроша), моралија (20 гроша), махмудија (80 гроша), пола махмудија (35 гроша), половина стамболија, игрмилук (20 гроша), бауима (50,20 гроша), диреклија (10 гроша), урубија (20 гроша), каима (банкнота од 10 гроша), алтилук (6 гроша), бешлук (5 гроша), цванцика (3,20 гроша), пола цванцика (1,30 грош), черкез (3 гроша), талир (10 гроша), дукат (54 гроша), маџар минац (63 гроша), минац (63 гроша), цесарски дукат (53 гроша), карантан (1 пара), жолта рубља (110 гроша), сребрена рубља (17,20 гроша).

- Во Македонија во тој период имало двојна вредност на парите - чаршиска и државна. Сметањето по курсот на државната каса или златното важење се нарекувало „ниски пари“, додека сметањето по чаршиска вредност се нарекувало високи пари, горни пари, наши чаршиски пари, горен есап. Според долниот курс, односно државниот, се плаќал данок и останати давачки кон државата, уплати и исплати во банка и општо на државна каса. Чаршискиот или горен курс важел во чаршијата. Според државниот златен курс, вредноста на жолтата меџедија (лирата) била 100 гроша, додека на белата меџедија (сребрената) била 19 гроша. Од друга страна, според чаршискиот курс, жолтата меџедија вредела 124 гроша, а белата 23 гроша - стои во книгата.

Сметањето на паричните вредности не било исто во сите делови од, како што авторот ја нарекува, Јужна Србија. Вредноста на грошот, белата меџедија и нејзините делови во чаршијата на едно место или крај се управувала според вредноста што ја имала лирата во таа област. Штом на жолтата меџедија (лирата) ѝ се давала поголема вредност, веднаш и белата меџедија и грошот добивале, сразмерно на вредноста на лирата, поголема вредност.

Во Солун освен златното важење (една лира 100 златни гроша), лирата се сметала во 102,5 златни гроша, белата меџедија според првиот курс (една лира 100 златни гроша) вредела 18,5 гроша, а според вториот 19 гроша.

Во Цариград и Битола лирата се сметала во 108 гроша, а белата меџедија во 20 гроша. Во Скопје турската лира вредела 124 гроша, а белата меџедија 23 гроша. Во Дојран турската лира вредела 154 гроша, а белата меџедија достигнувала 28,5 гроша.

Соодносот меѓу чаршискиот и државниот курс во еден крај не бил ист секогаш. При купувањето на големо, курсот на лирите и дукатите исто така бил различен. За еден вид стока лирата вредела 100 гроша, додека за друг вид повеќе и слично.

По кој курс трговецот ја купувал стоката, зависело од спогодбата со продавачот на големо, но и од видот на стоката. На пример, јорганите во Солун се купувале само за лира, во вредност од 154 гроша. Според вредноста што ѝ се давала на лирата, така се намалувала или кревала цената на стоката и често сè се сведувало на исто, т.е. било да се купува стока за лира во 100 гроша или за лира во 150 гроша.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема