X
 10.08.2019 Економија

Како судирот меѓу САД и Кина ја менува светската економија

За само неколку дена драматично се зголеми загриженоста за иднината на светската економија и одеднаш сè почесто почна да се споменува можноста за светска рецесија. Ова се пет клучни прашања за тоа како заплетот на односите меѓу САД и Кина ја промени светската економска клима.

1. Што ги активира потресите на светските берзи?

По долго натегање со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу царинските тарифи, кинеските власти во таа сега веќе повеќегодишна економско-вербална војна го испалија нивното прво тешко финансиско оружје - ја спуштија вредноста на кинеската валута под психолошката граница од 7 јуани за еден долар. Познатиот американски коментатор Кругер за кинескиот потег рече дека е одмазда која на скала од 1 до 10 изнесува 11. И други угледни аналитичари се согласуваат со оцената дека слабеењето на кинеската валута било политичка одлука која Кинезите ја извеле со сложени операции на девизните пазари. Исто така, едногласен е заклучокот на експертската јавност дека има закана од прераснување на напнатите економски односи меѓу САД и Кина во валутна и трговска војна во која тешко може да настрадаат двете економии, но и многу други национални економии како колатерални глобални жртви.

2. При ескалација на судирот, од што најмногу се плашат Американците, а од што Кинезите?

Американците се нервозни во врска со фактот дека Кинезите се најголемите странски сопственици на американскиот долг. Кинезите моментално држат неверојатни 1,1 трилион долари американски трезорски записи и обврзници и менувањето на политиката кон купување/продавање на американските хартии од вредност може да го користат како финансиско нуклеарно оружје со тешки последици за сите, а не само за глобалните валутни пазари. Кинезите сами држат повеќе од четвртина од американскиот надворешен долг. Клучното прашање е дали кинескиот претседател Си Ѓинпинг во американската изборна година со финансиски мерки навистина ќе тргне во одмазда и ќе му ги уништи изборните шанси на Трамп. Со оглед на неофицијалните пораки од Белата куќа дека претседателот сепак сака договор со Кинезите, се чини дека кинеските позиции се уверливи.

Од друга страна, Кина е земја на надојден внатрешен долг и секое забавување на нејзиниот импресивен раст би можело да резултира со економска драма за Кина, но и за целата планета. Кога американското министерство за финансии во незапаметено остриот извештај до американскиот Конгрес ја нарече Кина валутен манипулатор, тоа го впери прстот право кон внатрешните проблеми на Кина и предупреди дека мора агресивно да ги адресираат силите што го дисторзираат пазарот за да ја ребалансираат економијата подалеку од инвестициите. Факт е дека кинеската економија е задолжена, но малку е чудно Кинезите да треба да преземаат агресивни мерки со првенствена цел намалување на притисокот на слабеење на валутата и намалување на огромниот суфицит во трговската размена со САД. Евентуално Кина би можела да оди со мерки за јакнење на домашниот пазар.

3. Дали Американците се во право кога ги прозиваат Кинезите за опасна валутна манипулација?

Во специјален извештај американското министерство за финансии наведе низа детали со кои укажа на тоа дека Кина свесно влегла во зоната на валутна манипулација, но најголемиот доказ сепак им е начелен цитат од соопштение на Народната банка на Кина во кое Кинезите велат дека акумулирале богато искуство и оружје и ќе продолжат да ја иновираат и збогатуваат контролната кутија, како и да преземаат неопходни и целни мерки против позитивното повратно однесување, кое може да се случи на берзата. Тоа е доста заматено објаснување кое Американците го презентираа како признавање на криминал.

Кина, пак, може да се брани дека тоа што го прави не влегува во сферата на валутната манипулација бидејќи за валутен манипулатор се смета оној што годишно за таа цел троши 2 отсто од БДП.

4. Кои се можните макроекономски последици од ескалацијата на економскиот судир меѓу САД и Кина?

Првите краткорочни последици веќе се видливи: на берзите им беа потребни неколку дена за несигурна консолидација откако ги потресе веста дека кинескиот јуан дошол на 6,9999 долари. Деновиве беа очигледни драматичните промени на глобалните берзи. Со оглед на тоа дека по ескалацијата на судирот меѓу САД и Кина се очекува продолжување на попуштачките монетарни политики на централните банки, се очекува продолжување на падот на приносите на државните обврзници. Со други зборови, можеме да очекуваме продолжување на и онака долгата ера на ниски и негативни камати, но и влез на неистражена територија на негативни камати какви што не се видени, што само по себе е непредвидлив системски ризик. Моментално вкупниот пазар на обврзници кои носат негативни приноси е зголемен на 15 милијарди долари, што значи дека на пазарот на обврзници имаме своевидна црна дупка која расте. На тие обврзници инвеститорите губат пари. Уште сега се забележува ориентацијата на инвеститорите кон посигурни пристаништа - имот како злато или валути како јапонскиот јен или швајцарскиот франк.

5. Кои се последиците за американските и европските потрошувачи, односно компании?

Секогаш кога доаѓа до кревање на царинските тарифи треба да се знае дека тие зголемени надоместоци на крајот ги плаќаат даночните обврзници, односно граѓаните и компаниите. Цела низа американски бизниси затоа веќе почнаа да трпат значителни негативни последици од „заштитните“ царини на Трамп. Забавувањето на кинеската и светската економија со себе ќе донесе ново заострување во меѓународната трка на компетитивност. Во тие неповолни услови на раст најлошо би можеле да поминат најслабо приспособените, нереформирани економии на земјите во развој. Трговската војна толку ќе ја зголеми општата напнатост, што секоја негативна вест значително ќе го руши оптимизмот на потрошувачите и претприемачите.

На глобалното село му се заканува причинско-последична спирала на која интервенционистичкиот царински популизам на американскиот претседател ѝ бил клучен потпирач.

Автор: Гојко Дрљача
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија