X
 10.08.2020 Наша тема

Џабе ви е формула 1-болид ако не знаете да го возите. Зарем компјутерите во наставата се поважни од методиката, прашува проф. Оливер Зајков

Се разбира, ИКТ-уредите и технологијата се многу важни во овој момент. Во овие услови без нив не би можела да се одвива онлајн-настава. Но џабе ви е да имате формула 1-болид ако не знаете да го возите

Пишува: д-р Оливер Зајков, професор на Институтот за физика при ПМФ

Деновиве многу се пишува и се зборува за тоа како ќе започне новата учебна година. Дали наставата да се организира со физичко присуство, да биде онлајн или да биде некоја комбинација од овие две; дали паралелките да бидат со 10, 20 или 30 ученици и така натаму.

Проф. д-р Оливер Зајков

Во тој дел не сум стручен затоа што оваа одлука треба да опфати повеќе медицински аспекти, но, сепак, се разбира, имам свое мислење. Претпоставувам дека за почеток би бил добар комбиниран начин на организација на настава. Тоа би значело дека половина од учениците физички би присуствувале на час, а другата половина би го следеле часот од дома. Бидејќи карантинот трае 14 дена, добро е исто толку да трае и периодот на оваа настава. Потоа учениците би се смениле - оние што ја следеле наставата од дома во наредните две недели би оделе на училиште, а другата половина би ја следеле наставата од дома. На тој начин би се овозможила физичка дистанца помеѓу учениците во училницата и некаков 14-дневен „карантин“. Времетраењето на часот не треба да биде пократко од 30 минути. Сепак е потребно време часот да почне, да се развие и да се заврши во некоја целина. Се разбира, сето тоа треба да се искомбинира со вообичаените мерки: маска, растојание, хигиена, редовна дезинфекција итн.

Тука доаѓа моментот кога се дискутира за техничкиот аспект: колку компјутери се потребни, колку сервери, камери, која платформа да се избере, која од нив што нуди, која е бесплатна, кои се предностите и недостатоците на секоја од нив. Деновиве слушам дека веќе се организираат или ќе се организираат обуки за примена на разни платформи за настава. Се разбира, обуките ќе се ограничат на тоа кои се техничките можности што ги нуди дадената платформа, што и како се активира, што се случува кога ќе кликнете на некоја од командите или иконичките и слично. Многу слично како што беа и порано реализирани обуките во рамките на проектот „Компјутер за секое дете“.

Арно ама сега доаѓа, барем кај мене, едно големо прашање. Што правиме со методиката? Никој не зборува за методскиот дел од наставата. Не е доволно наставниците да знаат само како да ја стартуваат апликацијата. Тоа е како на обука за возење да ви кажат како се притиска квачило и дека кога ќе го притиснете средниот педал се активира кочницата, и дека лево напред на менувачот се наоѓа прва брзина и дека ако го завртите воланот надесно, автомобилот ќе заврти десно. Ама никој да не ви објасни како се вози.
Се разбира, ИКТ-уредите и технологијата се многу важни во овој момент. Во овие услови без нив не би можела да се одвива онлајн-настава. Но џабе ви е да имате формула 1-болид ако не знаете да го возите.



Што правиме со тоа КАКО да се реализира наставата; КАКО да се постигнат целите на наставната програма; КАКО наставата да се направи ефикасна; КАКО со скратена наставна програма да се добие цело знаење; КАКО да се надоместат оние 10 или 20 минути што ќе се скратат; КАКО да се надомести она што ќе се изгуби со онлајн-наставата; КАКО да се активираат учениците дома, ама да не се претера со домашни... Тука не е крајот на прашањата. Во кој дел ваквата настава е неефикасна? Кои знаења и вештини учениците нема да ги стекнат со оваа настава? Што губат децата со оваа настава? Од когнитивна гледна точка, од социјална гледна точка, од гледна точка на личност која има иднина и личност која е иднината на ова општество...

Во светот се прават многу истражувања за тоа кои се предностите и недостатоците на овој вид настава и се предлагаат решенија за недостатоците. Методиката за секој наставен предмет е различна. Се разбира дека постојат некои универзални елементи во наставата кои се исти за сите предмети, но сепак не може на ист начин да се предаваат мајчин јазик и физика, историја и физичко воспитување или математика и странски јазик. Поради тоа, решенијата што се предлагаат за надминување на недостатоците и зголемување на ефикасноста на наставата се разликуваат од предмет до предмет.



Не беше лошо, кога се бараше решение преку ноќ, што беа снимени стотици презентации кои ги раскажуваат наставниците и што беа поставени на веб-страница, а учениците имаа слободен пристап до нив. Но, не е доволно. Мнооогу не е доволно. И сигурно не е добро сега, кога имаме повеќе време да се подготвиме.
Ова е можност, како никогаш досега, да се активираат некои пристапи во наставата за кои кај нас се зборува подолго време. Превртена училница, учење низ истражување, примена на компјутери и паметни уреди се само дел од новините што треба до максимум да ги актуализираме. За жал, и покрај тоа што за нив се зборува со години, тие сѐ уште не се користат во наставата. За тоа сигурно не се виновни наставниците, затоа што за да се реализира таквата настава има еден куп проблеми кои пред тоа треба да се решат, а тие проблеми бараат системско и систематско решавање. А оценувањето? Тоа е еден сосема друг универзум и за него во некоја друга пригода.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема