Мотоциклистите што предизвикуваат голема бучава и возачите на силните автомобили наскоро би можеле да станат минато во Париз. Во некои делови од градот властите одлучиле да воведат нов систем на камери што ќе имаат „радар за бучава“, кој ќе може да идентификува колкава бучава предизвикува возилото, да ја види неговата локација и автоматски да го казни.
Системот е поставен на Виленув-ле-Руа близу аеродромот „Орли“, а ќе се активира штом владата ќе усвои нов закон со кој ќе дозволува вакви системи.
Новиот систем ќе ги поврзува аудиоснимките со полициските камери и автоматски ќе испраќа казни. Се состои од четири микрофони кои секоја десеттинка ќе го мерат нивото на децибели и ќе можат да одредат од каде доаѓа вревата. Сега се чека законот да стапи во сила.
- Вревата е епидемија на современиот живот и голем здравствен проблем. Им штети на луѓето исто како и пасивното пушење - изјави Дидие Гонзалес, член на Националното собрание на Франција.
Законот за кој станува збор треба да стапи во сила оваа есен и ќе им овозможи на локалните власти да експериментираат со разни системи за снимање и казнување на возачите што ќе ја надминат границата на бучава.
Французите веќе имаат закон што ја ограничува вревата што ја произведуваат возилата, но тешко се спроведува бидејќи станува збор за индивидуални фаќања и казнувања на возачите што предизвикуваат силна бучава.
- Немаме ништо против „харли девидсон“ и „ферари“, но нивните сопственици понекогаш знаат премногу да ја истакнуваат нивната сила и бучавата што ја предизвикуваат им смета на граѓаните - вели Реми Жордан од Виленув.
Околу 40 вакви камери веќе неколку месеци се во функција во близина на париските барови, а уште 17 се поставени покрај значајни градби. Овој месец ќе бидат поставени и во центарот на
Париз. Бидејќи системот е во фаза на тестирање, сè уште никој не е казнет. Владата планира двегодишен тест-период во кој ќе ја тестира новата технологија и ќе го дефинира нивото на бучава од кое ќе почне да казнува.