X
 10.09.2020 Наука

Нешто чудно се случува на Марс при затемнувањето на Сонцето

Месечините што се вртат околу Марс се различни од нашите.

Околу Црвената Планета орбитираат два сателити - Фобос и Деимос. Фобос, поголем и поблизок сателит, го заобиколува Марс на секои 7 часа и 40 минути, што е пократко од денот на Марс, кој трае 24 часа и 37 минути.

Затоа затемнувањето на Сонцето се случува многу почесто отколку на Земјата. Фобос поминува пред Сонцето, но никогаш не го покрива за прстенесто или делумно затемнување. Бидејќи Фобос се движи толку брзо, никогаш не транзитира подолго од 30 секунди.

Но, дури и во текот на ова кратко време роверот „Инсајт“ на Марс успеа да сними дека се случува нешто чудно.

На изненадување на научниците, за време на затемнувањето од страна на Фобос, сеизмографот на роверот (инструментот што снима движења на земјата за да следи можна активност на земјотресот) се навалува кон едната страна.

Истражувачите од Институтот за геофизика во Цирих, всушност, проучувале податоци од „Инсајт“ за да видат дали некои од ефектите на помрачување на Земјата ќе се случат и на Марс.

- Кога Земјата доживува помрачување на Сонцето, инструментите можат да забележат пад на температурата и брзи налети на ветер, бидејќи атмосферата се лади на едно одредено место и воздухот заминува од тоа место - објаснува сеизмологот Симон Шталер од Институтот.

„Инсајт“ е опремен со сензори за температура и ветер - но тие не забележале промена во атмосферата за време на транзитите на Фобос. Но, промените биле забележани од соларните келии. Всушност, би било чудно ако не ги забележеле, со оглед на тоа што Фобос може да блокира 40 отсто од сончевата светлина.

- Кога Фобос е пред Сонцето, до соларните ќелии стигнува помалку сончева светлина, па тие произведуваат помалку електрична енергија. Падот на изложеноста на светлина предизвикан од сенката на Фобос може да се измери -вели Шталер.

1
Фото: NASA/JPL

Научниците очекувале соларните ќелии да го забележат затемнувањето што го предизвикува Фобос, но не очекувале дека сеизмографот ќе се навали на една страна.

- Не очекувавме дека сеизмографот ќе го прочита бидејќи е необичен сигнал. Замислете ситна монета. Ако под еден нејзин раб ставиме два атоми на сребро, би го добиле навалувањето за кое зборуваме - објаснува Шталер.

Можни објаснувања


Научниците прво помислиле дека станува збор за влијанието на приливот и одливот што ги создава Фобос, но кога сигналот бил спореден со другите читања на сеизмичките активности на Марс, заклучиле дека не личи на ниедна друга досега забележана сеизмичка активност.

Другата можност е да се скратил делот што го поврзува сеизмографот со роверот, но експертите сметаат дека во тој случај сеизмографот ќе би свиткал на спротивната страна.

Ваквото навалување може да е предизвикано од промената на температурата во атмосферата, но како што беше погоре споменато, инструментите не забележале температурни осцилации во воздухот.

Постои уште една причина. Инфрацрвениот радиометар забележал лесен пад на површинската температура за време на најдолгото поминување на Фобос пред Сонцето, по што била потребна околу 1,5 минута за земјата да стигне до температура пред транзитот. Научниците сметаат дека тоа е  причината за ова необично свиткување.

- Во текот на затемнувањето доаѓа до ладење на земјата, при што доаѓа до нееднаква деформација на земјата што може малку да го свитка инструментот - вели сеизмологот Мартин ван Дриел од Институтот.

Нешто слично било забележано во 1997 година во опсерваторијата Швацрвалд во Германија. Техничарот заборавил да го изгасне светлото кога излегол од просторијата во која се наоѓал сеизмографот, што создало шум во податоците бидејќи топлината што доаѓала од светилката го „растегнала“ гранитот на кој се наоѓал инструментот.

Научниците повторно ги создале условите на површината на Марс и успеале да го добијат сигналот што се совпаѓа со навалувањето на сеизмографот на роверот.

Извор: Science Alert
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука