X
 04.03.2019 Образование

Британските наставници работат прекувремено повеќе од коj било и не се платени за тоа

Британските наставници секоја недела работат повеќе од еден работен ден прекувремено, што е најмногу од сите сектори.

Од британскиот Конгрес на синдикати (ТУЦ), кој го спроведе истражувањето, истакнаа дека тоа е еднакво на 9 милиони часа неплатена работа неделно, или 462 милиони часа годишно.

Според анализите на официјалните податоци, британските наставници секоја недела работат по просечно 12,1 часи за кои не добиваат надоместок. Најмногу работат наставниците од основното образование, 13 дополнителни часа, односно малку повеќе од оние 12,8 часа сработени од страна на наставниците во средното образование и повеќе од двојно од оние 6,4 дополнителни часа кои секоја недела ги сработуваат вработените во претшколското образование.

Земајќи ја професијата како целина, од ТУЦ пресметале дека тоа е еднакво на 735.000 наставници кои секоја година работат прекувремени часови за кои не се платени.

Од ТУЦ истакнуваат дека тоа е речиси десетпати повеќе од правниците и речиси 15 пати повеќе од професионалците што работат во секторот на благосостојба.

- Наставниците се на врвот на листата за неплатено прекувремено работење. Владата мора да се соочи со недостигот на персонал и прекувремената работа така што ќе им ги даде на училиштата ресурсите што им се потребни. Министрите треба да работат со наставничките синдикати за да се осврнат на неприфатливата работа која принудува многу посветени наставници да се откажат од професијата - истакнува Френсис О'Грејди, генерален секретар на ТУЦ.

Според Кевин Кортни од наставничкиот синдикат Национална образовна унија (НЕУ), голем дел од прекувременото работно време е поминато во евидентирање на работата што била завршена.

- Наставниците велат дека голем дел од часовите кои се очекува да ги сработат не им се од помош на децата на кои им предаваат - вели тој и додава дека со оглед на тоа дека има сѐ повеќе работа, а сѐ помало плаќање на реално сработената работа, не е изненадување што земјата се соочува со проблеми при вработување нови наставници и задржување на веќе вработените.

Анализата на ТУЦ е само одек на голем број студии кои посочуваат како работата што ја имаат британските наставници ги тера да ја напуштат професијата. Британските власти ветија дека ќе преземат чекори за намалување на работата на наставниците во обид да ги совладаат кризите со вработувањето и задржувањето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование