X
 11.09.2020 Здравје

Имате проблем со помнење имиња или правење повеќе работи истовремено? Правете ги овие едноставни вежби за мозокот

Имате проблем со помнење имиња или правење повеќе работи истовремено? Не сте единствени. Истражувањата покажуваат дека мозокот е најефикасен во 20-тите години, а потоа почнува да ослабува, па се појавуваат проблеми со помнењето и работата. Добрите вести се дека може да се задржи острината на мозокот и да се намали ризикот од деменција со навремено менување на секојдневните навики.

Според Кристал Калер, основач на компанијата „Јор брејн хелт метрс“ и соработник во Глобалниот институт за здравјето на мозокот, давањето приоритет на здравјето на мозокот на помлада возраст може да има огромни ефекти во староста. Тој советува да се води активен живот со учење, физичко вежбање, спиење, медитација, добра исхрана, социјализација и волонтирање.

Според него, никогаш не е прерано или предоцна да се воведе навика што е здрава за мозокот. Како пример, постојат игри за вежбање на мозокот кои може да се практикуваат.


Фото: Freepik

Играта со карти бриџ се смета за мозочен спорт бидејќи со неа се вежбаат логиката, расудувањето, брзото размислување, трпеливоста, концентрацијата и вештините за соработка. Едно истражување од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, докажало дека со играњето бриџ се стимулира дел од мозокот одговорен за имунолошкиот систем.

Според Џојс Микал-Флин, професор по невронаука на државниот универзитет во Сакраменто, игрите на табли, игрите со карти, крстозборките и сложувалките се забавни игри кои се добри за мозокот, а се уште подобри кога се играат со повеќе луѓе. Комуникацијата со другите преку тимска работа е исклучително корисна за здравјето на мозокот, вели тој.

Според Калер, се препорачува вежбање на мозокот најмалку два часа неделно, односно околу 15 до 20 минути дневно. Вежбите за мозокот треба да бидат нови и да претставуваат предизвик. На пример, прочитајте нешто што обично го прескокнувате или прочитајте одреден параграф наглас за да активирате различни делови од мозокот.


Фото: Freepik

Движете се

Истражувањата покажуваат дека 30-минутната физичка активност неколку пати неделно може да биде добра за мозокот, а луѓето што се физички активни поретко забележуваат проблеми со работата на мозокот и имаат помал ризик да заболат од Алцхајмерова болест. Со физичката активност се овозможува полесен проток на крв во мозокот и лачење на повеќе хемикалии што го заштитуваат мозокот.

Физичката активност може да помогне во создавањето нови мозочни клетки, да го подобри помнењето и да ја зачува острината на мозокот, вели Микал-Флин. Вежбањето може да го намали и ризикот за дијабетес вид 2, што игра улога во појавувањето на деменција.


Фото: Freepik

Намалете го стресот

Намалувањето на стресот е добро за здравјето на срцето, но и за здравјето на мозокот. Истражувањата покажуваат дека делот од мозокот одговорен за учењето и меморијата има поголеми шанси да се намали доколку во него подолго време има кортизол, хормон кој се зголемува како резултат на стресот.

Еден добар начин за намалување на стресот е боењето. Олга Хорват, терапевт што прави работилници и пишува книги за медитативното боење, вели дека боењето го зголемува лачењето на допамин, хормонот за среќа, и го намалува стресот.

Калер препорачува и одвојување време во денот за „разладување на мозокот“. Тој ја препорачува медитацијата како одлична вежба за мозокот.

Автор: Лиса Дејвис
Извор: usatoday.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје