X
 18.11.2017 Живот

Мустаците избричени, „Мовембер“ во Македонија скромен годинава

Ресен го има најактивното „Мовембер“ движење во земјава

Сѐ поретко гледаме мажи со мустаци во месецот на машкото здравје во земјава. Додека на светско ниво движењето, кое постои од 2003 година, станува сѐ попопуларно и придонесува за покренување на свеста за машкото здравје, кај нас некако спласнува ентузијазмот за поголема активност.

Горан Јосифовски од „Мовембер Ресен“

Разговараме со Филип Петрески, еден од основачите на „Мовембер Македонија“, здружение што постои од 2010 година. Тој ни потврди дека годинава малку се повлекле со агендата.

- Работевме со нула буџет сите години, сите луѓе што го „трчавме“ движењето. Решивме да оставиме работите да се движат малку побавно, потивко, позатворено. Премногу сме енергетски исцрпени за уште една година каде што правиме сѐ за превенција и едукација на тема машко здравје, а наидуваме на затворени врати кај државните институции кога бараме минимална соработка и поддршка. Нека помине годинава „Мовембер“ вака, за вгодина да научиме од сопствените грешки и да се вратиме на голема врата – вели Петрески.

Филип Петрески од „Movember Macedonia“

Тој споделува дека и тоа како е подобрена свеста за машкото здравје во Македонија во последните неколку години, иако треба уште многу да се работи, особено кога станува збор за покритичната популација, односно мажите над 40 години.

- Ако ја споредиме првата со последната година на „Мовембер“ во Македонија, разликите се колосални. Свесноста за опасностите кај младата популација се во пораст, „Мовембер“ како тренд е веќе општоприфатен и популарен, сѐ повеќе млади се едуцираат и одат на прегледи. Сепак, кај главната таргет-група и кризна категорија (мажи во средна доба кои се најизложени на здравствени уролошки ризици) наидуваме на отпор и скептицизам, па моментално се работи примарно на тој дел – вели Петрески.

Јани Макрадули ја поддржува кампањата од почеток

Се чини дека сѐ помалку јавни личности се приклучуваат на оваа кампања. Еден од најпосветените е Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање. Тој и годинава пушти мустаќи во знак на поддршка.

Едно од најактивните „Мовембер“ здруженија во Македонија е „Мовембер Ресен“, кое постои четири години.

- „Мовембер Ресен“ е хуманитарно движење кое собира средства од спонзори и донатори преку лицитации на предмети, забави со влезници и слично. Покрај тоа, организираме и предавања на стручни лица – (уролози, интернисти) со цел да се подигне свеста за машкото здравје. Имаме добиено и 40-ина ваучери за проверка на простата и тестиси. Ако биде спасен барем еден човечки живот, односно навреме откриен канцер, тоа значи дека „Мовембер Ресен“ е успешно реализиран – вели Горан Јосифовски, основач на здружението.


И „Мовембер Битола“ годинава мирува со активности.
Петрески нагласува дека има грст луѓе што го поддржувале движењето во последните години.

- Почнавме како тројца млади дечки од Охрид кои несебично се вложуваат во мало движење за убава кауза, стигнавме до бренд кој е поддржан и интригантен за сите. Со Богдан и Божидар почнавме нешто убаво, нешто позитивно, нешто што треба да остане. Петар од „Петар за појадок и пауза“ ни беше пи-ар пред да се пресели во странство, Кире од „Нокаут“ и Дарко Лешоски активно се вклучија во кампањата и беа „адвокати“ на машкото здравје во годините наназад. За забавата редовно е задолжен DJ Goce SAF, а пред две години како појачување Гоце го имаше и DJ Slave – вели Филип, кој додава дека можеби заедно со Biotherm ќе организираат забава до крајот на месецот.

Некои компании се вклучуваат во ова движење. „Бучен Козјак“ лансира серија производи со препознатливите црни мустаќи на нив.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот