X
 10.11.2023 Живот

Словенци ќе го решаваат проблемот со отпадот во Тетово

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, и претставници на словенечката компанија од групацијата Саубермахер го потпишаа договорот за јавно-приватно партнерство со кој на фирмата ѝ се отстапува стопанисувањето со отпадот.

Касами истакна дека заедно со групацијата се направени анализи и студии во однос на управувањето со отпадот, поточно за собирање и депонирање.

-Должностите и обврските се веќе усогласени во договорот со кој се обврзаа двете страни. Јавно-приватното партнерство предвидува сеопфатни решенија изградени според словенечкиот модел, кој се покажа многу успешен во сите градови. Се чувствувам почесен што оваа компанија го избра Тетово да стане партнер во управувањето со отпад. Отсега Тетово ќе има еден проблем помалку - рече Касами по потпишувањето.

Претставникот на групацијата Саубермахер, Андреас Опелт, рече дека имаат над тридецениско искуство во менаџирање со отпадот во дваесетина градови во повеќе земји. Вработените ќе бидат преземени од нивната компанијата.

-Обврските што ги презедовме, сериозно ќе ги прифатиме и ќе видите дека наскоро менаџирањето со отпадот ќе биде унапредено со почисти улици и почиста животна средина. Знаеме дека е предизвик тука, но имаме доволно искуство за да ја подобриме состојбата на повисоко ниво, затоа учествуваме во овој проект и веруваме дека ќе донесеме корист за граѓаните и градот. Ќе има многу работа во првите неколку години, но потоа веруваме дека градот ќе биде на подобро ниво - истакна Андреа Опелт.

Предвидени се 20-ина точки со обврски на приватната фирма.

- Приватното претпријатие од Словенија ќе работи во однос на комуналниот отпад, ќе ги преземе сите активности за собирање, транспорт и депонирање на отпадот. Одржувањето на јавните површини и паркови останува во рамките на постојното јавно претпријатие. Предвидени се 20 обврски на приватното претпријатие. Доколку општината обезбеди механизација, тогаш партнерот има обврска да ја прифати, според договорот со пазарни услови за закуп - истакна Касами.

Во одделението за комунална хигиена има околу сто работници кои треба да бидат преземени и да работат во приватната фирма.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот