Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на денешната вонредна седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.
За денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре (четврток, петок и сабота), а за време на деновите на жалост македонското знаме ќе биде спуштено на половина копје, соопштија од Владата.
Оттаму апелираат до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип промоции предвидени за овие три дена.
На седницата министрите за внатрешни работи и за здравство информирале за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнале дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска.
- Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на Обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип дополнителна помош и поддршка се потребни за семејствата на загинатите и повредените, со цел да им бидат обезбедени во најкраток временски рок - стои во соопштението.
Владата им се заблагодари на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјава стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово.
Фото: Влада