X
 29.11.2022 Наша тема

Кристина Савевска, млад истражувач на „Јожеф Стефан“ во Љубљана: Работам со хуманоидниот робот Талос и креирам интелигентни системи кои ќе функционираат заедно со луѓето

Хуманоидните роботи се роботски системи кои сѐ уште се предмет на истражување и развивање. Желбата за истражување и надградување во област која сѐ уште не е доволно истражена ми претставуваше доволно голем предизвик кој ме натера да продолжам со вториот и третиот циклус на студии, вели Кристина Савевска, магистер по информациски и комуникациски технологии во насоката на роботиката, а моментално е посветена на своите докторски студии во истата област

Кристина Савевска е дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии во насоката автоматика и роботика, потоа магистер по информациски и комуникациски технологии во насоката на роботиката. Своите додипломски студии ги заврши на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, додека следната фаза ја продолжи на меѓународната постдипломска школа „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија. По успешното завршување на магистерските студии, реши да продолжи со следната академска етапа, односно со докторски студии во истата област.

Што Ве натера да се запишете на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје?

- Желбата за што поголеми предизвици. Фактот дека Факултетот за електротехника важи за еден од попредизвикувачките факултети ме натера да се запишам токму на него. Секако, природните науки како математика, физика и компјутерските науки ми беа подобрата страна што придонесе за запишување на овој факултет.
Магистерските студии по роботика исто така беа резултат на желбата за предизвик. Во последната година од додипломските студии почнав да се интересирам за хуманоидната роботика. Хуманоидните роботи се роботски системи кои сѐ уште се предмет на истражување и развивање. Желбата за истражување и надградување во област која сѐ уште не е доволно истражена ми претставуваше доволно голем предизвик кој ме натера да продолжам со вториот и третиот циклус на студии – вели Кристина.



Дали сметате дека роботиката е една од професиите на иднината?

- Автоматизацијата е веќе длабоко навлезена во секоја индустрија. Веќе ниту една производна линија не може да се замисли без роботски систем. Иако сѐ уште на пониско ниво, роботите се приближуваат и до нашите секојдневни животи. Бидејќи истражувам токму во таа област, би рекла дека да, развивањето роботски системи кои би биле дел од нашиот секојдневен живот може да се смета дека е професија на иднината.

Со какви знаења се стекнувате на овие студии?

- Третиот циклус на студии те учи како да бидеш научник. За разлика од класичните додипломски студии каде што решаваш веќе поставени прашања, како докторанд, ти си тој што ги поставува и ги одговара прашањата. Односно, целта е да разработиш одредена тема која никој ја нема истражено, што значи сам си одговорен за поставување и одговарање на прашањата. Тоа се, всушност, истражувачките, научни вештини со кои се здобиваш на докторски студии.
На студиите по роботика во голема мера ги истражуваме различните роботски системи и нивното управување. Различните кинематски и динамични структури на системите. Потоа различните начини на управување на системите. Во голема мера се истражува интелигентната роботика каде што се применуваат методи од вештачка интелигенција кои овозможуваат имплементација на учење на роботските системи за извршување одредена задача, донесување одлуки, навигирање низ околината со помош на сензорските системи како и безбедна колаборација со луѓето – раскажува Кристина.



Каков просперитет, каква иднина носат овие студии?


- Во моментов како докторанд сум фокусирана на академската кариера како истражувач во роботиката. Сѐ уште е рано да зборувам за тоа што би работела по студиите, но опциите се многубројни. Покрај работата со класичната автоматизација и роботизацијата во индустрија, опцијата за доближување на роботските системи до човекот во секојдневниот живот е една од целите кон која се стремам – вели Кристина.

Паралелно со студиите, мастер-студиите и докторските студии работите... Колку е важно теоријата да ја претворите во пракса на овие факултети?

- Да, работам како млад истражувач на институтот „Јожеф Стефан“. Тој важи за најголемиот научен институт во Словенија. Работата на институтот е составен дел од студиите. Би рекла дека истражувачката работа во третиот циклус студии е клучна за успехот во студиите. Третиот циклус студии бара темелно истражување во дадена област, па затоа истражувачката работа поддржана со експерименти е клучна за употреба на теоретското знаење. Јас на институтот работам на имплементација на учење преку имитација за управување на хуманоидниот робот Талос – вели Кристина.



По завршувањето на студиите, какво ќе биде Вашето звање и што ќе можете да работите?

- По завршувањето на студиите добивам звање доктор на науки во областа на информациски и комуникациски технологии со специјализација во областа на роботиката. Можностите за работа се многубројни. Завршувањето на третиот циклус студии ми овозможува работа во академија, односно продолжување на академската научна кариера. Исто така, третиот циклус на студии е услов за работа во високите образовни институции, како универзитетски професор, така што завршувањето на докторските студии ми ја дава можноста за работа како професор. Од друга страна, повисокото ниво на образование и вештините што се стекнуваат како научник овозможуваат работа во многу компании кои вршат истражувачка дејност - ни споделува нашата соговорничка.



Кои се Вашите амбиции? Во која насока сакате да се надградувате, истражувате...?

- Хуманоидната роботика е насоката во која би сакала да истражувам и да се развивам. Оваа област се истражува со децении и овие роботски системи сѐ уште претставуваат едни од попредизвикувачките системи за управување. Од фактот дека човекот е идеалното живо суштество доаѓа идејата за токму еден ваков роботски систем. Хуманоидните роботи со нивниот човечки облик претставуваат роботски системи кои се најпогодни за функционирање во секојдневната околина која е креирана за луѓето. Насочена сум кон програмирање и креирање интелигентни системи кои ќе функционираат заедно со луѓето.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема