X
 10.12.2018 Наша тема

Ученици во Пустец ќе добијат учебници и лектири на македонски јазик - акција на третоодделенци од Прилеп и нивната наставничка

Учениците да ги научам на морални вредности, несебично да даваат, да се дружат, да помагаат, да научат што е хуманост и да ги сакаат оние што се различни од нив. Ние мора да ги образоваме, но и да ги воспитуваме, вели наставничката Гордана Стојаноска

Повеќе од 1.000 перничиња нацртани со цртежи од ученици од Прилеп ќе им донесат нови книги, сликовници, лектири и надгледни средства на учениците од Долна Горица, Република Албанија, кои учат на македонски јазик.
Наставничката Гордана Стојаноска заедно со нејзините ученици од Основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп, ја подготвувала хуманитарната акција неколку месеци.


Стојаноска со нејзините ученици

Сѐ почнало откако на годишниот одмор од блиски пријатели дознала дека децата од Пустец што учат во селото Долна Горица немаат ниту една лектира на македонски јазик, а им недостигаат и многу надгледни средства, како и учебници. Тоа ја мотивирало да го смисли проектот „Детското срце не знае за граници“, кој ќе ги израдува учениците во Пустец.
- Мои пријатели што донираат во манастирот во Мала Преспа ми кажаа дека во училиштето во селото Долна Горица слабо има македонска литература, а децата учат на македонски јазик. Тоа ме поттикна да направам нешто, а и да ги вклучам моите ученици. Сакав да им покажам дека и надвор од нашите граници има ученици што учат македонски јазик, но живеат во помалку развиена економска средина и не може да си дозволат да имаат многу работи - вели Стојаноска.

Направиле 1.000 перничиња со принтови од цртежите на учениците

Со нејзините третоодделенци направиле работилница. Нацртале прекрасни цртежи. Но, тоа не било доволно за да заработат и пари.
- Побарав помош од „Комфи Ангел“ од Прилеп, конфекциска фирма која изработува постелнини. Им ги однесов цртежите и ги прашав дали може да ги пренесат на перничиња кои потоа ќе ги продаваме и така ќе собереме средства за да ги купиме потребните материјали. Тие веднаш прифатија, одбраа неколку цртежи и ги ставија на перничињата - раскажува наставничката.



Од околу 1.000 перничиња што ги изработиле, им останале само шест. Ги купувале ученици и родители од сите училишта во Прилеп, но и од приватни компании.
- Училиштето во Албанија се вика „Отпорот на Горичани“. Таму има околу 93 деца во централното училиште, но има и неколку подрачни. Се слушнавме со директорката и наставничките, ни кажаа што им недостига, па направивме список. Бевме и таму да ги посетиме со директорот на нашето училиште. Ни кажаа дека воопшто не работат со лектири зашто немаат. Им купивме стотина лектири од 1. до 9. одделение, многу надгледни средства, книги, глобуси, географски карти, топки за физичко. Тие имаат и градинка, па за малите дечиња обезбедивме сликовници. Ќе одиме во Мала Преспа наскоро сѐ да им однесеме.



Во училиште учениците треба да се образоваат, но и да се воспитуваат

Оваа вредна и хумана наставничка вели дека целта на сите овие хуманитарни настани и акции е нејзините ученици да ги научи на хуманост, на добрина, да им всади морални вредности.
- Тоа се трудам да го правам постојано. Лани, на пример, изработивме сами една боенка со цртежи од учениците. Ја продававме, а парите ги наменивме за нашето подрачно училиште за деца со попреченост. Лани ги научив дека постојат деца што се различни од нив, но на кои им треба исто така многу љубов и внимание. Бевме во посета на училиштето и не можам да ви опишам каква радост имаше кај сите деца. Имам 22 ученици во класот, прекрасни дечиња кои имаат многу љубов за сите - вели Стојаноска.


Учениците и наставничката продале речиси 1.000 вакви перничиња

Во време кога наставниците велат дека се демотивирани да прават нешто повеќе отколку одржувањето на часот поради ниските плати и постојаните реформи што им висат над глава, оваа наставничка е доказ дека има исклучоци. Ја прашуваме зошто го прави ова:
- Она што ги демотивира другите наставници, мене обратно ми влијае и ме прави само посилна во намерите учениците да ги научам на морални вредности, несебично да даваат, да се дружат, да помагаат, да научат што е хуманост и да ги сакаат оние што се различни од нив. Ние мора да ги образоваме, но и да ги воспитуваме. Затоа го правам ова, кога ќе го видат крајниот исход од она што заедно сме го направиле, да извлечат некоја поука, дека нивниот труд ќе направи некоја промена, дека ќе направи некого среќен. Се надевам дека ова ќе допре и до многу мои демотивирани колеги и дека ете, нешто ќе смениме - вели таа.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема