X
 13.01.2016 Образование

Неписменоста - огромен проблем за македонските ученици

Според податоците на Заводот за статистика од пописот во 2002 година, во Република Македонија имало 1.693.044 писмени граѓани, а 635.562 неписмени граѓани.

 

nepismeni


Според Министерството за труд и социјална политика, поточно нивната „Национална стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија“, податоците за опфатот на учениците во основното образование покажуваат дека последните резултати од 2008-2009 година, опфатот на учениците во основното образование покажува дека сите деца не се на училиште. Ова е резултат на недоволната застапеност на децата од ранливите категории (децата со пречки во развојот, децата од социјално загрозените семејства, децата Роми, децата од оддалечените рурални населби итн). Доколку се направи споредба помеѓу учебната 1999/2000 година и учебната 2008/2009 година, може да се забележи благо намалување на процентот на деца запишани во основно образование, со тоа што 95.7% се запишале во учебната 1999/2000 година, а 91% во 2008/2009 година.

Ситуацијата со средното образование се покажува малку подобра, особено после воведувањето на задолжителното средно образование во учебната 2008/2009 година, со што се зголемило запишувањето за околу 6%.

Според пописот од 2002 година, 3.6% од жителите на Македонија на возраст над 15 години се неписмени, а најниска е стапката на неписменост кај Македонците (2.3%), а највисока кај Ромите (20.6%).

 

Државата зацрта дека до крајот на минатата 2015 година, бројот на неписмени да се доближи до нула, односно максимална опфатеност на децата во основно и средно образование. Сепак, државата не успеа да достави еден најважен фактор: колкава е реалната неписменост во оваа земја?

 


За да се добие јасна слика за тоа колку се (не)писмени учениците, потребно е да се спроведе ПИСА истражување (Програмата за меѓународно оценување на учениците). Ова е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење што го стекнуваат учениците во образовниот систем во матичната земја. Иако во мај оваа година околу 1.500 ученици беа дел од пробното ПИСА тестирање, официјално ПИСА тестирање беше направено во 2000-2001 година, а тогашните резултати беа поразителни за нашата Земја. Од вкупно 42 држави, Македонија се наоѓаше на 31-то место.


Дефинирањето на писменоста е различна. Познавањето на буквите и способноста за пишување е само дел од писменоста. Сега во писменоста спаѓаат и читањето со разбирање, критичкото размислување, јасно пишување и слично. Според статистиката, писмени се сите оние граѓани кои имаат основен степен на образование. Ова не значи многу бидејќи постојат голем број граѓани кои немаат завршено основно образование, а сепак знаат да го напишат своето име и некои од основните математички функции. Од друга страна пак, се` поголем е бројот на ученици кои не знаат елементарни правописни правила, а сепак на овој или оној начин, тие завршуваат основно или средно образование. Досега не се случило ученик да повтори година поради неписменост.

Новите реформи направени изминативе неколку години требаше да донесат подобрување во образованието на учениците, меѓутоа не постојат алатки за проверка на писменоста кои треба да бидат обезбедени од надлежните институции. Тоа што учениците знаат да читаат во техничка смисла, не значи дека тие ќе можат да ја искористат оваа вештина за проширување на нивното знаење. Со тоа, учениците ќе се соочат со големи потешкотии во понатамошното образование како и нивната вредност на пазарот на трудот.

Проблемот со неписменоста си останува. Зошто се појавува не е сосема јасно - дали поради несоодветните наставни програми и планови, несоодветни наставници, интернетот, технологијата или се` заедно, сепак ова е сериозен проблем со кој државата и понатаму ќе се соочува доколку не преземе сериозни чекори и не направи темелна анализа и истражување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование