X
 10.12.2025 Живот

Село што го подобрува расположението: волшебниот Портмерион во Велс

Со оглед на тоа што во зима деновите се сè пократки, одржувањето на позитивното расположение станува вистински предизвик. Многумина посегнуваат по витамин Д или други начини за справување со сезонската меланхолија, но постои и многу попријатна алтернатива.

Токму тука се истакнува ова крајбрежно место, благодарение на зградите во силни, интензивни бои и исклучителната локација која ќе ви донесе чувство на вистинска радост.

Според пишувањата на веб-страницата „Expresso.co.uk“, одговорот се крие во посетата на ова посебно село, чија естетика буквално ја лекува душата.

Велшки бисер со медитерански шмек

Карен Хелер, експерт за применета психологија на боите, вели дека патниците можат да ја подобрат својата благосостојба со прост избор на вистинската дестинација. Таа тврди дека престојот во светли, шарени опкружувања ги подигнува духот и енергијата потсвесно.


Во соработка со компанијата „Стејшр“, која нуди патничко здравствено осигурување, Хелер помогнала да се состави список со 26 локации познати по силните бои, живоста и разновидните нијанси.

- Постои нешто посебно во моментот кога посетувате место во различни бои. Го менува начинот на кој се чувствувате, како се движите, па дури и како се поврзувате со другите. Затоа местата исполнети со бои стануваат сè попопуларни. Не нè привлекуваат само затоа што изгледаат убаво, туку затоа што прават да се чувствуваме подобро, посреќно, поотворено и повитално - објаснува Хелер.

Архитектонско чудо кое слави еден век постоење

Ова архитектонско ремек-дело во областа Гвинет минатата година ја прослави својата стогодишнина и продолжува да ги воодушевува и локалните жители и туристите, уште од времето кога сер Клауф Вилијамс-Елис го поставил првиот камен-темелник на овој барокен бисер.


Сместено покрај Ирското Море, во северозападен Велс, Портмерион можеби не звучи како класична зимска дестинација за подигнување на расположението.

Речиси сите објекти се обоени со палета бои што создава оптимизам на прв поглед.

Сер Клауф признал дека инспирацијата за создавање на Портмерион ја добил од Портофино, познатиот италијански крајбрежен град. Прошетката низ селото, особено кога времето е сончево, создава чувство како да сте поминале низ таен премин и од Велс сте стигнале директно на Медитеранот.


Од запуштена дивина до културно наследство

Историјата на Портмерион започнува со имотот Абер Иа, каде што пропаднатиот замок Деудрает се споменува уште во документи од 1188 година. Викторијанските жители подоцна засадиле егзотична флора, а кога сер Клауф го купил имотот, го опишал како „запуштена дивина“.

Селото Портмерион било именувано според неговата положба („Port“) и историската грофовија наречена Мерионет („Meirion“), а се градело во две фази: од 1926 до 1939 и од 1954 до 1976 година.


Ова шармантно место е вистински мозаик составен од стари градби и спасени архитектонски елементи. Интересен е податокот дека покривот на општинската зграда потекнува од стара колиба, купена на аукција за само 13 фунти (околу 14,83 евра).

Извор: Nova.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот