X
 18.08.2020 Живот

Настан што го потресе светот - бразилски религиски екстремисти се спротивставија на вршење абортус кај 10-годишно девојче

Голем број Бразилки излегоа на улиците за да заштитат едно 10-годишно девојче кое е прогонувано од страна на религиозните екстремисти зашто се обидело легално да оди на абортус откако наводно било силувано од страна на нејзиниот чичко.

Девојчето од Сао Матеус, мал град во југоисточната сојузна држава Еспирито Санто, било примено во болница на 7 август жалејќи се на болки во абдоменот и лекарите потврдиле дека е бремено. Детето ѝ кажало на полицијата дека било злоупотребувано од нејзиниот чичко уште од 6-годишна возраст и молчело од страв. 33-годишниот маж наводно е во бегство.

Рестриктивните закони за абортус во Бразил, кои претежно се напишани во 1940 година, дозволуваат абортус во случај на силување, кога животот на мајката е во ризик и кога е детектирана аненкефалија. Сепак, покрај сето тоа, детето било принудено да лета повеќе од 900 милји до североисточниот град Ресифе за процедурата, по исполитизирана правна битка во која една болница во родната сојузна држава на девојчето одбила да ја изврши процедурата.

Кога девојчето пристигнало во болницата каде што требало да се изврши абортусот во неделата попладне, влезот бил окупиран од активисти кои се против абортус, кои биле снимени како беснеат и ги навредуваат вработените и детето и се обидуваат да ги спречат да влезат.

- Кога ќе видите 10-годишно девојче како се криминализира зашто става крај на бременост која е резултат на силување и зашто животот му е во опасност, тоа навистина ви дава чувство колку религискиот фундаментализам напредува во нашата земја - истакнува Елиса Анибал, феминистка.

Активистите изгледа ја дознале локацијата на болницата, која се чуваше во тајност поради безбедносни причини, од страстен поддржувач на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.

Паула Вијана, активистка која е за право на избор, а која го придружувала девојчето од аеродромот до болницата, истакна дека била предупредена дека активистите чекаат пред болницата, па детето морало да биде скриено и внесено преку спореден влез.

- Едноставно е неверојатно дека ова се случува во Бразил, дека дел од населението навистина верува дека абортусот е полош од силувањето. Но, ние не бевме изненадени затоа што знаеме дека имаме претседател кој ги поддржува овие претстави на омраза - вели Вијана.

По повици на социјалните мрежи се појавиле повеќе од 150 луѓе кои го поддржале девојчето.

Габриела Рондон, адвокатка, истакна дека однесувањето на екстремистите случајно ја поттикнало дебатата за декриминализација и легализација на абортусот.

- Според нашите податоци, половина милион жени секоја година мораат да одат на нелегални абортуси. Тоа е речиси една жена во минута - вели Рондон и додава дека и покрај ужасните околности, демонстрацијата од неделата донела охрабрување зашто толпа жени штителе мало девојче.

Вијана вели дека девојчето рекло дека сака да се врати да си игра фудбал.

- Таа е многу силна, но таа е само дете. Ќе ѝ биде потребна долготрајна психолошка поддршка. Таа разбира сѐ низ што минува - вели Вијана.

Извор: Guardian
Насловна фотографија: TooFab

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот