X
 11.01.2021 Култура

„Дојди, свои сме, јас – глад и ти прекор, обајцата до корен она што сме!“ На денешен ден е роден Славко Јаневски

На денешен ден во 1920 година, во Скопје, е роден Славко Јаневски. Тој бил поет, романсиер, писател за деца, сценарист, сликар и академик.

Уште од рана возраст почнал да се занимава со литература и сликарство. Бил еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија и негов претседател, а бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата и на Рациновите средби, како и еден од основачите на МАНУ во 1967 година.

Јаневски припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година, е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.

Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои и „АВНОЈ“, „11 Октомври“, наградата „Браќа Миладиновци“, наградата на Град Скопје „13 Ноември“, „Кочо Рацин“ и многу други.

Неговото литературно творештво е богато и разновидно, а меѓу најпознатите дела се: „Село зад седумте јасени“, „Тврдоглави“, „Зад тајната врата“, „Улица“, „Шеќерна приказна“, „Девет Керубинови векови“ и многу други.

Цветови

В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.

Последна солза од око капна…
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна:
„Мајка ми сама остана в село”.

О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче…
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин…

Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крвта врела растопи слана
црвена роза закити поле.

Мајската роза и цветот модер
в миризма молат:
„Закити, друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради“.

В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.

Тишина


Кога булките ќе се истргнат од својот корен
и ќе појдат
една по една
кон својот залез
не следи ги.
Свадби веќе нема,
на секој чекор стои по една есен
смешна, бела и гола.

Кога булките ќе остават зад себе пустош
затвори го во себе дождот.
Нека ѕвони во олукот на твоите жили
под еден познат таван.
И молчи.

Кога ќе падне ветрот на твојот прозор
со три писоци танки
и плач на незрел жерав
пак молчи.

Булките мразеа говор.

Ивец

Не спие во срцето на погачата
како тогаш и тогаш
белиот здив на црцорците.

Во нозете шантави некој ми ги испокла
играорците.

Не расне во виното зајдисончево
како тогаш и тогаш
есента истината.

Од очиве шашливи некој ми ја ископа
виделината.

Не танцувам на штит јас стробјак
како тогаш и тогаш
струплив и крвав здробеник.

Од кобни јуди подземници
ротите ми се заробени.

Коњи црцорците ги испасоа
мртви виното го излокаа
копја стробјакот го искитија.

Не сум веќе Ивец. Ни здравец. Ни живец.
Ни војвода на гладни.
Господи прости му на светов здивен
и дај му нога в задник.

Молитва


Не самувај. Сам сум.
Забуцај ги забите до корен
во стеблото на мојот ’рбет.
И држи се. Одам.
Бел е сртот што нè чека.
Не самувај. Сам сум.
Забуцај ги прстите до лактот
во модрите пени на мојата коса.
И држи се. Пливам.
Зелено е дното што нè мами,
дното на едно море.

Не оставај ме сам. Немој.
Не самувај со мене. Денес.
И не мисли дека сме мали
зашто е една трева над нас.
И не мисли дека сме чеда
на една земја
зашто ни е гнездо еден камен.
И не е,
и не е Сонцето злотвор
што лежи во нашите жили.

Танчерка на дланка


Не плаши се, дојди,
има во тие зглобови сешто:
моето бездно од нив, слушаш
небитници темни ти нуди,
моето смеење на нив
крвави кули до сонцето крева,
моето чекање под нив
огнови разбранува лоши.
Те чека, те чека тоа горење
да изгориш, да се витосаш или да пораснеш
за едно сеќавање во црно.
Дојди, свои сме, јас – глад
и ти прекор, обајцата до корен
она што сме.

Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура