Кога би имал еден дел од животот, би им докажувал на луѓето колку грешат кога мислат дека престануваат да се заљубуваат кога стареат, а не знаат дека остареле кога престанале да се заљубуваат.
Кога Бог за момент би заборавил дека јас сум само крпена марионетка и би ми подарил делче од животот, можно е дека не би кажал сè што мислам, но несомнено би мислел сè што кажувам. Работите би ги ценел не по тоа колку вредат, туку по тоа што значат. Би спиел помалку и би сонувал повеќе. Би сфатил дека секој момент кој го поминуваме со затворени очи губиме 60 секунди светлина. Би одел кога другите застануваат, би се будел додека останатите спијат. Би ги слушал другите додека зборуваат... И како би уживал во сладолед од чоколадо.
Кога Бог би ми подарил делче живот, би се облекувал поедноставно, би излегувал на сонце, би го оставал откриено не само телото, туку и душата.
Боже мој, кога би имал среќа, би ја напишал својата омраза на мраз и би чекал да изгрее сонцето. Би сликал со сонот на ѕвездите на Ван Гог една Бендетиева поема, а Сератовата песна би ја подарувал како серенада во моментот на стемнувањето. Розите би ги заливал со солзи за да ја почувствувам болката од нејзините боцки, и страстен бакнеж од нивните латици...
Боже мој, кога би имал едно делче живот... Не би пуштил да помине ниту еден единствен ден, а да не им кажам на луѓето кои ги сакам дека ги сакам. Би ги убедувал секоја жена и секој маж дека ми се најблиски и би живеел заљубен во љубовта. Би им докажувал на луѓето колку грешат кога мислат дека престануваат да се заљубуваат кога стареат, а не знаат дека остареле кога престанале да се заљубуваат.
На децата би им дарувал крилја, но би ги пуштил сами да научат да летаат. Старите би ги поучувал дека смртта не доаѓа со староста туку со заборавот.
Толку работи научив од вас, луѓе... Научив дека сиот свет сака да живее на врвот на планина, а дека не знаат дека вистинската среќа е во начинот на совладување на карпите.
Сфатив дека кога штотуку роденото дете го стегнува својот татко со малата дланка, го стегнува засекогаш.
Научив дека човекот има право да ги гледа другите од горе само ако треба да му помогне да се исправи.
Толку многу можев да научам од вас, но тоа нема да ми биде повеќе од корист бидејќи кога ќе ме спакуваат во оној сандак, јас, за жал, ќе започнам да умирам...