Кромидот е битен дел од многу филипински оброци, но сега овој зеленчук чини речиси трипати повеќе од пилешкото месо на Филипините.
Еден килограм кромид се продава и по 11 долари, додека пилешкото месо може да се најде и за 4 долари по килограм во оваа земја. Дури и телешкото месо е поевтино од кромидот, пренесува Си-ен-ен.
Растот на цената е резултат на повеќе супертајфуни што ги погодија Филипините минатата година, оштетувајќи многу посеви. Оваа азиска земја се соочува со висока инфлација во последните месеци. Во декември инфлацијата достигна 8,1%, што претставува највисоко ниво во последните 14 години. Беа отворени повеќе истраги за големиот раст на цените поради сомнежи за манипулација.
Шверцуван кромид
Кромидот стана толку баран производ во Филипините што се шверцува. На 23 декември царинската управа заплени кромид вреден 310.000 долари скриен во облека. Два дена претходно царината заплени кромид вреден 364.000 долари од Кина, кој бил скриен во кутии за пекарски производи.
Во меѓувреме, државата одобри увоз на 21.060 тони кромид неделава како привремена мерка. Филипинците трошат околу 20.000 тони кромид месечно.
Извор:
CNN
Насловна фотографија: Pixabay