X
 11.02.2017 Живот

Занимливости за Дејвид Боуви и приказната за Лазар

„Исус им рече: раширете го и пуштете го да си оди“, Воскресението на Лазар, Нов завет.

•    Дејвид Роберт Џоунс, попознат како Дејвид Боуви, замина онака како што живееше, во духот на уметноста и визионерски. Ја предвиде сопствената смрт (или воскресението) и, повторно, трасираше нови трендови. Тоа го најави на својот последен, 26. по ред албум „Blackstar“ и спотот за песната „Lazarus“, која мириса на заминување, на смрт, а почнува со стиховите: „Погледни горе, јас сум на небо“.

•    На дванаесетгодишна возраст почнал да свири на саксофон.

•    Кога имал 15 години, го излажал својот другар Џорџ Андервуд и добил удар по главата од него. За да не го изгуби видот, морале трајно да му ја прошират зеницата во левото око, а неговата реакција кон Џорџ била: Ти благодарам! Овој (не)среќен случај  во потполност го сменил неговиот изглед и добил имиџ како да не е од оваа планета.

•    После многу синглови, во 1969 го издал својот прв албум „Man of Words, Man of Music“ кој не доживеал забележителен успех, освен нумерата „Space Oddity“, како сингл издание, која станува голем хит во Велика Британија. Во оваа нумера се појавува Major Tom, еден од многуте негови  алтер-ега, од кои најпознатото е Ziggi Stardust.

•    Многумина сметаат дека Боуви за 70-тите е она што беа Битлси за 60-тите: музичка крстосница и некоја форма на огледало.

•    За Дејвид Боуви, 70-тите биле изгубени години во кои самиот себе се опишува како „грозен песимист“  што е изразено низ албумите „The Man Who Sold the World“ (1971)  и „Huncky Dory“ (1971), во кои навестува желба за промена.

•    Тогаш ја бои својата коса во црвена боја и ги издава „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from  Mars“ (1972) клучниот албум  каде инспириран од Ворхол и Ниче, раскажува неколку приказни на иста тема со Ес-Еф ефекти и саги за рок ѕвездата.

•    После една година, Ziggy исчезнува од сцената, затоа што тоа беше неопходно. Времето го прегази.

•    Следниот албум „Diamond Dogs“ (1974) е инспириран од бунтовничка анархија и модел на сива полициска држава, теми од книгите „Пеколен портокал“ од Енџи Барџис и „1984“ од Џорџ Орвел.

•    Се сели во Америка во 1974, а во 1975 го издава албумот „Young Americans“ на кој преовладува филаделфискиот соул. Песната што ја снима заедно со Џон Ленон – „Fame“, доживува голем успех.

•    Филмот „Човекот што падна на Земјата“ на култниот англиски режисер Николас Роуг од 1976 година, за првпат пред филмската публика го претстави Боуви на големиот екран во улога на вонземјанин што залутал на Земјата.

•    Зависноста од дрога се обидува да ја лечи со сликање и преселба во Берлин (1977) каде се сретнува со електронската музика и почнува соработка со Брајан Ено - мултимедијалниот уметник кој имал големо влијание врз арт-рок продукцијата, постпанкот, електро попот, њу ејџот, техното...

•    Тогаш се создаваат трите албуми на кои соработува со него: „Low“, „Heroes“ и „Lodger“.

•    Се посветува на театарот и филмот, соработува со групата Queen на темата  Under  Pressure и во 1983. го издава албу мот  Let´s dance. Заедно со Мик Џегер го снима Dancing in the Street .

•    Со новооснованата група „Tin Machine“ издава два албуми на кои доминира звукот на гитара, после кои повторно самиот експериментира со електро-фанкот, џезот, хард-рокот...

•    Во 1992 година се оженил за супермоделот Иман Абдулмаџид, и како што велел самиот - почнал да живеее реален живот.

•    Раѓањето на ќерката Александрија носи нова радост и нови албуми: „Heathen“, каде ги меша старите со нови звуци, и „Reality“ (2003).

•    После срцевиот удар во 2004 година, следува опоравување, а на музичката сцена само два дуети: со Алиша Кис и Дејвид Гилмор.

•    Својата слабост и подготовките за крајот ги покажува во 2013 со албумот „The Next Day“.

•    Боуви на 18-годишна возраст го променил своето име, од Дејвид Џонс во Дејвид Боуви. Некои извори наведуваат дека тоа го направил за да избегне да го мешаат со истоименикот од групата „Monkees“, а други сметаат дека сакал да го прикрие мајчиното презиме. Боуви имал постар полубрат кој боледувал од шизофренија, додека двете сестри на неговата мајка страдале од ментални болести.

•    Бисексуалност е збор што честопати се поврзувал со неговото име, а и самиот не го криел тоа.

•    Почина на 10 јануари 2016, после 18-месечна борба со канцер на црниот дроб.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот