X
 11.02.2019 Живот

Зошто Германците не сакаат ограничување на брзината на автопатиштата?

Полицијата, радарите и камерите се вообичаена појава насекаде низ светот, освен кај Германците.

Се чини дека тоа нема врска со мозокот. Германија без никакви трошоци може да ја намали својата висока емисија на загадување на СО2 и да спаси одреден број животи на луѓето. Но, кога владината комисија во јануари се осмелила да ја објави идејата за ограничување на брзината на автопатиштата, за малку ќе дојдело до протести. На радиоемисиите се јавуваа лути возачи. Синдикалните лидери ставија жолти елеци сакајќи да одат на протести. А крајната десница го искористи гневот како можност да прикаже „државно давење“. Ограничувањето на брзината на автопатиштата е спротивно на здравиот разум, изјави министерот за транспорт, иако тоа го предложиле неговите експерти.

Германската аверзија кон ограничувањето на брзината на автопатиштата може да се спореди со онаа во САД за контрола на оружјето или онаа во Јапонија за укинување на ловот на китови. Со неколку исклучоци, како што се Авганистан или островот Ман, ограничувањето на брзината на автопатиштата постои насекаде низ светот.

Но, ова е Германија, самопрогласена „автомобилска нација“, каде што Карл Бенц го создал првиот автомобил и каде што автомобилите се симбол на национален идентитет. Ова е и земја во која, во најмрачниот период, Хитлер ги положил темелите за мрежа на автопатиштата со повеќе ленти, кои во повоениот период дадоа повод за економски успех и слобода. За Германците, автопатиштата се место во регулирано општество во кое нема правила, и ова место е свето.

- Ова е чувствителна тема - вели Стефан Гервенс, шеф на транспорт и мобилност во АДАС, автомобилски клуб со 20 милиони члена, кој се противи на какво било ограничување на брзината.

Германија заостанува зад исполнувањето на своите климатски цели за 2020 година, па затоа владата ангажира група експерти кои треба да пронајдат начин да го намалат загадувањето со СО2 во сообраќајот. Автомобилите се одговорни за 11 отсто од целото загадување и овој процент се зголемува. Ограничената брзина на автопатиштата од 120 километри на час би надоместила петтина од заостанувањето на Германија до целта поставена за 2020 година во сообраќајниот сектор, наведуваат експертите за околина.

- Oд сите посебни мерки, оваа би била најефикасна, а не чини ништо. Но, кога ќе дојдеме до автомобилите, дискусијата станува ирационална - вели Дороти Сар од „Дојче Умвелтиф“, непрофитна организација која лобира за ограничување на брзината.

Ограничување на брзината веќе постои на околу 30 отсто од автопатиштата или околу 13.000 километри за да се намали бучавата во близина на населените места и да се намали безбедносниот ризик на патиштата за кои се проценува дека не се погодни за неограничена брзина. Бројот на сообраќајни несреќи со жртви на делови од автопатиштата на кои брзината е ограничена е за 26 отсто помал отколку на оние на кои нема ограничување. Во 2017 година на автопатиштата загинале 409 луѓе и, според Државниот завод за статистика на Германија, во речиси половина од случаите причината за несреќата е неприспособената брзина.

Но, тоа не влијаело врз јавното мислење. Околу половина од Германците се противат на ограничувањето на брзината на автопатиштата, нешто што не се менувало во текот на изминатата деценија. Која било партија што би го спровела тоа би се соочила со значително помалку гласови на наредните избори. Еднаш, за време на нафтената криза во 1973 година, германскиот министер за сообраќај си ја „пробал“ среќата и вовел ограничување на брзината. Во тоа време бројот на мртви на патиштата бил 20.000, шестпати повеќе годишно отколку денес. Со високите цени на нафтата, Лариуз Лауризен сметал дека Германците би можеле да ја сфатат користа од тоа, како и заштеда на парите потрошени на бензин. Ограничувањето на брзината траело шест месеци, а не траел многу ни Лауризен.

Oвој експеримент довел до кампањата „Freie Fahrt für freie Bürger!“ односно „Слободно возење за слободните граѓани“, најмоќниот слоган на автомобилското лоби сѐ до денес, кој политичките партии и произведувачите на автомобили сѐ уште го користат.

- Сето тоа е поради слободата - вели Џон С.Корнблум, поранешен амбасадор на САД во Германија кој се преселил уште во 60-тите и сѐ уште живее во Германија.

- Во таа смисла, ова навистина е како контролата на оружјето. Тука се сите разумни аргументи, но нема смисла човек да се обиде да води разумна дебата - додава тој.

Во 1937 година тогаш 20-годишниот Џон Ф.Кенеди дома испратил лудо писмо во кое го опишал своето искуство на возење на автопатот без ограничување на брзината. Една година подоцна Бернд Роземаер, германски тркач и член на СС, го користел германскиот „Аутобан“ за да постигне брзински рекорд. За жал, со брзина од 400 километри на час се забил во мост и загинал.

За време на Втората светска војна било воведено ограничување на брзината за да се штеди на гориво. Но, била укината набрзо по војната.

- Идејата за ограничување на брзината луѓето ја чувствуваат како напад на машкоста, како да ќе станат помеки, како да ќе дегенерираат - вели Ерхард Шуц, пензиониран професор и експерт за историја на автопатиштата. 

Денес, носењето богати посетители од целиот свет е голем бизнис за туристичките компании.
- Сонувате за возење со полн гас на германскиот „Аутобан“ во суперавтомобил што ќе ве распамети со апсолутно никакво ограничување на брзината? - пишува една туристичка агенција. Во понуда е 80 минути возење со „порше“ по цена од 699 евра, заедно со инструктор за возење и „целосно осигурување“. Дури и маркетиншката кампања на германската влада, долгогодишен лојален сојузник на германската автомобилска индустрија, го наведува возењето по „Аутобан“ како една од седумте работи што треба да ги направите кога сте во Германија.

Како помош, германското министерство за надворешни работи нуди и водич со десет точки како да преживеете на германските автопатишта. Една од главните инструкции е: - Внимавајте на брзината. Левата лента е за брзо возење, екстремно брзо. Внимавајте на автомобили што ги злоупотребуваат оние побавните за да ги истуркаат со жестоко свирење и постојано пуштање на долгите светла - пишува во водичот. За да избегнете несреќа, држете безбедно растојание. Кое е безбедно растојание при 300 километри на час? Тоа лесно може да се пресмета ако ја поделите брзината со која возите со два. Бројот што ќе ви остане се смета за оддалеченост во метри што морате да ги оставите меѓу себе и автомобилот пред вас.

Корнблум се сеќава кога ги однел исплашените американски дипломати на возење. - Првата реакција беше врескање: „Ќе умреме!“ Тоа просто не можеа да го поднесат.

Или како што опишал актерот Том Хенкс: - Без оглед колку брзо возите во Германија, некој ќе вози побрзо од вас.

Надвор од „Аутобан“, Германија е полна со правила. Некои локални власти ја пропишуваат и бојата на чадори. Во Германија е дозволено и голи да возите. Но, ако излезете голи од автомобилот, ќе добиете казна од 45 евра.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот