Зависноста од интернетот и видеоигрите е сериозен проблем за кој сè почесто се зборува, но можеби најраспространет проблем е зависноста од мобилните телефони.
Скоро сите имаме паметен телефон и ретко не го користиме, но во Италија се загрижени дека тоа лошо влијае врз италијанските тинејџери. Токму затоа, Италија планира да се бори против тинејџерската зависност од паметни телефони со нов закон што ќе ги испрати најголемите зависници во центри за рехабилитација на зависници од дрога.
Пратеничката на владејачката партија, Виторија Каса предупредува дека неограниченото користење на паметен телефон треба да се третира како зависност.
Фото: Alamy
- Се согласуваме со истражувањата што покажуваат дека очеквуањето на „лајк“ на социјалните мрежи го поттикнува лачењето на допамин во мозокот. Исто како и коцкањето - вели таа.
Таа предупредува дека тинејџерите поради претераното користење на паметни телефони стануваат „вампири“ кои поминуваат цела ноќ пред екранот, а потоа се нервозни, слаби и апатични на училиште во текот на денот.
Токму поради тоа италијанската влада одлучи да воведе закон со кој зависноста од мобилниот телефон ќе се третира еднакво како зависност од коцкање, цигари и алкохол. Освен тоа, во основните училишта ќе се воведе едукација за опасностите од зависноста од паметните телефони, а ќе се покрене и кампања чија цел ќе бидат родителите.
Законот предвидува и надгледување на претераното користење на паметен телефон. Но, не е јасно кој би надгледувал, ниту што точно значи „претерано користење“.
Експертите се скептични и сметаат дека италијанскиот закон, но и други слични закони, нема да го решат
проблемот со зависноста. Според нив, со овие закони проблемот би бил уште поизразен. Тие истакнуваат дека треба дополнително да се истражува што е причината за претераното користење на паметни телефони и во кои моменти зачестената употреба прераснува во претерана и доведува до зависност.