X
 11.03.2022 Живот

По повод 79-годишнината од депортацијата на македонските Евреи

Денешниот ден побудува длабоки емоции кај еврејската заедница на Македонија затоа што нѐ потсетува на еден трагичен настан од минатото кога 7.144 Евреи од Македонија биле депортирани во Треблинка. Одбележувањето на овој ден се прави секоја година со цел да се сеќаваме за никогаш да не се повтори.

Веднаш по капитулацијата на Југославија на 18 април 1941 година, бугарската војска влегла во Македонија и започнала со воспоставувањето на административниот апарат и имплементацијата на антисемитската легислатива. Законот за заштита на нацијата, веднаш по окупацијата на вардарскиот дел на Македонија, претставувал основа за антиеврејската политика. Основата за антиеврејските мерки може да се лоцира во Законот за заштита на нацијата кој бил донесен на 23 јануари 1941 година од страна на бугарското собрание, а ратификуван од страна на бугарскиот цар Борис III. Она што е апсурдно е тоа што Законот за заштита на нацијата бил донесен пред Бугарија и официјално да се вклучи во Втората светска војна. Основата на бугарскиот Закон за заштита на нацијата може да се лоцира во Нирнбершките закони, донесени во Германија во 1935 година, што фактички претставува делумен препис на таа легислатива, со кои бугарските власти сакале да ја зачуваат таканаречената чистота на бугарската нација.

Со Законот, кој Бугарија го донела во јануари 1941 година, фактички државата им ограничила низа граѓански права на Евреите. Со Законот за заштита на нацијата Евреите не само што биле лишени од сите политички, економски и социјални права, туку и од најелементарните права на граѓанинот. Со овие мерки Евреинот бил сметан за потчовек. Сепак, сето ова било само дел од еден долготраен процес кој набргу бил проследен со нивна депортација.

Договорот за иселување на 20.000 Евреи од Македонија и Тракија бил склучен на 22 февруари 1943 година меѓу бугарскиот комесар Александар Белев, од една страна, и германскиот полномошник Теодор Данекер, од друга страна. Имајќи ги предвид информациите за локациите на кои живееле Евреите, како и нивната бројност, депортацијата била изведена исклучително брзо и ефикасно.

Акцијата за иселување на македонските Евреи започнала ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година. Од страна на Комесаријатот за еврејски прашања биле формирани групи кои се состоеле од еден полициски началник, еден полицаец и неколку војници и граѓани. Имало список според кој секоја група имала одреден број куќи што требала да ги посети. Списокот се состоел од име, презиме, датумот на раѓање, местото на живеење и професијата со која се занимавале. Списокот бил од стратешко значење за да се протераат македонските Евреи од нивните домови. Според тие списоци, македонските Евреи биле собрани и однесени во Монополот во Скопје, а со благослов на бугарскиот премиер Богдан Филов на 22, 25 и 29 март 1943 година биле префрлени во логорот на смртта Треблинка, каде што сите до еден биле погубени.

Ваквите злосторствата извршени од страна на бугарската фашистичка војска и полиција, Бугарија се обидува да ги прикрие пред светот и да се претстави себеси како заштитник на прогонетите Евреи искривувајќи ја вистината за депортацијата на Евреите од Македонија и Тракија, префрлајќи ја вината на населението од окупираните делови. Меѓутоа, да се обвинува еден народ кој и самиот бил жртва на бугарската фашистичка власт, навистина е жално и лицемерно.

 

Пишува: Стефан Петрушев, магистер по историја

Фото: ФБ-страница на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија  



Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот