Побуната против нацистите била опасна работа. Затвор, мачење и егзекуција го чекале секој оној што ќе се осмелел да им се спротивстави. Но, и покрај таквите застрашувачки последици, некои луѓе биле доволно храбри да се борат против нив.
Ирeна Сендлер била една од нив. Како државјанка на Полска, таа била сведок на нацистичката инвазија и ги гледала ужасите што ги трпеле нејзините еврејски пријатели. Сосема свесна дека нејзиниот живот е во опасност, Ирена направила сѐ за да спаси што е можно повеќе еврејски деца.
Варшавското гето
Иако Ирена била христијанка, таа пораснала заедно со многу еврејски семејства, а кога нацистите ја нападнале Полска во септември 1939 година, таа била згрозена од нивната антисемитска политика. Покрај новите закони за полициски час, на Евреите им бил забранет пристап на јавни места, а нивните места за богослужба биле затворени.
Гневот на Ирена се зголемил кога нацистите го основале варшавското гето во ноември 1940 година. Голем број од нејзините еврејски пријатели од Полскиот слободен универзитет биле заробени таму. За да ги спречат Евреите да избегаат, нацистите го чувале влезот и поставиле бодликава жица и скршено стакло на врвот од ѕидовите што го опкружувале гетото.
Повеќето од Евреите морале да живеат во преполни станови. Некои дури биле принудени да живеат на улица. Болестите и гладот се рашириле, а голем дел од оние во гетото биле однесени во концентрациони логори.
Како член на Одделението за социјална заштита, Ирена добила посебен пристап до гетото за да провери дали таму има знаци на тифус. За време на овие посети Ирена била сведок на маките на Евреите кои се бореле да преживеат и била решена да преземе нешто околу тоа.
Бегството
Во 1942 година Ирена му се приклучи на Советот за помош на Евреите, тајна организација која им се спротивставувала на нацистите. Со помош на оваа организација таа смислила план како да извлече деца од гетото.
Прво, ѝ била потребна родителска согласност од мајките и татковците. Некои одбиле да се разделат од своите деца, но други ја поддржале идејата. Знаеле дека нивните ќерки и синови имаат поголема веројатност да преживеат ако избегаат од гетото.
Откако добила согласност од родителите, Ирена и нејзините соработници ги прошверцувале еврејските деца од гетото на различни начини. Понекогаш, ги ставале децата во ковчези, вреќи и куфери и едноставно ги носеле на безбедно. Ирена, исто така, прошверцувала многу деца низ канализацискиот систем пред да ги извади на површината од другата страна на гетото. Во камионот секогаш го носела своето куче, кое го тренирала постојано да лае кога излегувала од гетото за да не се слуша плачот и вревата што ја правеле децата.
Но, ова бил само почеток на нејзината задача. Ирена морала да се погрижи децата да останат безбедни. Тоа го постигнала со помош на лажни лични документи, претворајќи ги еврејските деца во христијански сирачиња. Ирена дури им ги сменила имињата и ги научила на христијански молитви. Децата потоа биле сместени во сиропиталишта, католички манастири или семејни домови во предградијата на Варшава.
За да ги следи децата, Ирена направила список од сите деца што ги спасила со нивното вистинско име, лажното име и нивната нова локација. Списокот го чувала во тегла која ја закопала под јаболкницата во градината на нејзиниот сосед.
Смртна казна
Во октомври 1943 година неколку шпиони им ја откриле на нацистите операцијата на Ирена. Гестапо упаднал во нејзиниот стан за да открие информации за операцијата, но не можеле да го најдат списокот.
Гестапо ја одвел Ирена во затворот Павиак, каде што била измачувана и испрашувана. Нацистите ѝ ги скршиле коските на нозете и на стапалата, но таа одбила да им каже што било.
Гневни поради нејзиното молчење, ја осудиле на смрт. За среќа, нејзините соработници во Советот за помош на Евреите успеале да ја спасат поткупувајќи ги нацистичките службеници. Наместо да биде одведена во стрелачки вод, таа била ослободена од затвор.
По завршувањето на војната и победата на Сојузниците, Ирена направила сѐ за да ги врати еврејските деца во нивните семејства. За жал, 90 отсто од родителите починале во гасните комори во Треблинка. Така, Ирена договорила децата да се преселат во Израел, каде што би можеле да растат со силен еврејски идентитет.
Како признание за нејзината храброст, таа добила многу награди, а била и номинирана за Нобеловата награда за мир.
Ирена успеала да спаси 2.500 еврејски деца од нацистите.
Извор:
Historyofyesterday.com
Насловна фотографија:
Wikimedia Commons