X
 11.03.2022 Наука

Првото возење со автомобил немало да успее без штипка за коса и игла од шапка

Родена на 3 мај 1849 година, Берта Бенц била сопруга на Карл Бенц, германски инженер кој се смета за пронаоѓач на автомобилот. Берта влезе во историјата патувајќи 180 километри меѓу Манхајм и Пфорцхајм во Германија, во возило создадено од нејзиниот сопруг - „бенц патент моторваген“. Била 1888 година, а првото патување, кое во тоа време се сметало за долго, во автомобил, било една од најголемите пресвртници во историјата на автомобилската индустрија.

Берта била нетипична жена, далеку од конвенциите на нејзиното време. Проучувала сè што на жените им било дозволено во тоа време и учела механика кај нејзиниот татко во семејната работилница. Со парите од миразот таа го финансирала проектот на нејзиниот сопруг Карл и станала неофицијален партнер во неговата компанија, бидејќи во тоа време жената немала право да води бизнис. По години напорна работа, Карл го завршил своето прво возило во 1885 година. Конечно, во ноември 1886 година, тој добил патент за неговиот автомобил на три тркала со мотор и погон на задните тркала.

И покрај ентузијазмот со кој Бенц го започнал проектот, не одело сè според планот; немало интерес да се купи тој автомобил. Интересно е што на крајот на 19 век луѓето не биле заинтересирани за изум кој за неколку години направил вистинска социјална и економска револуција.

1
Автомобилот што го возела Берта/Фото: Wikimedia Commons

Карл Бенц размислувал да се откаже од комерцијализацијата на својот изум. Сепак, како спасител се појавила неговата сопруга и бизнис-партнер Берта. Сакајќи да му покаже на светот дека „бенц патент моторваген“ ќе ја обликува иднината на транспортот, таа направила нешто што може да се смета за речиси кривично дело за една жена во 1888 година: донела одлука без дозвола на нејзиниот сопруг. Берта заедно со двете деца тргнала со прототипот на возилото. Пред да замине, таа му оставила на својот сопруг кратка порака: „Одиме за Пфорцхајм да ја видиме баба ми.“ Иако целта на Берта била да ја покаже употребливоста на овој изум, таа станала првата жена што возела автомобил.

Нејзиното патување не било без проблеми. Таа морала да застане неколку пати за да тури „лигроин“, нафтен дериват што можел да се најде само во аптеките и да побара помош од ковач за да го поправи скршениот синџир на менувачот. Дополнително, сама решила неколку проблеми: го средила затнатиот вентил со иглата од шапката, ја изолирала електричната жица со подврска и го поправила системот за палење со штипка за коса. Берта наоѓала решение за секој проблем со кој се соочувала додека патувала, дури и кога морала да го турка автомобилот неколку километри кога останала без гориво.

По дванаесет часа патување, Берта и нејзините две деца конечно стигнале до својата дестинација; во тогашниот печат овој подвиг силно одекнал. Вниманието на јавноста што му било потребно на „Бенц“ било загарантирано. Благодарение на различни инциденти што се случиле на ова патување, возилата подоцна биле подобрени и биле дизајнирани нови уреди кои станале неопходни за денешните автомобили. Еден пример се влошките за сопирачките кои Берта ги „измислила“ со додавање на ѓоновите на чевлите.

2
Фото: Wikimedia Commons

Со претходно стекнатото искуство на пат, Берта внимателно го испланирала своето враќање. По пристигнувањето во Манхајм, интересот за пронајдокот нагло скокнал. Повеќето луѓе се плашеле кога покрај нив ќе поминел автомобил, но благодарение на објаснувањата, популарноста на пронајдокот и на пронаоѓачот енормно се зголемила.

Така, Берта Бенц станала првата личност што патувала со автомобил. Денес, патеката по која поминала Берта е позната како „Спомен маршрута на Берта Бенц“, иста како онаа што Берта Бенц ја помина во 1888 година. За време на патувањето може да се застане во аптеката „Виеслох“, каде што има споменик посветен на подвигот на Берта.

Успехот на патувањето на Берта Бенц не само што ја поттикнал кариерата на нејзиниот сопруг, туку им помогнал и на другите пронаоѓачи, како што е „Дајмлер“, да продолжат со истражување и развој на прототипи. За неколку години автомобилот станал толку популарен, што набрзо биле организирани трки на целиот европски континент, а подоцна и низ целиот свет. И сето тоа благодарение на одлуката и храброста на една жена.

Извор: National Geographic
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука