X
 11.03.2024 Наша тема

Мила и Лука студираат на „Харвард“: „Професори ни се луѓе што имаат свои патенти и напишале учебници, а со нив можеш да одиш на вечера“

Мила е многу изненадена од професорите, на кои многу лесно можеш да им пристапиш, да ги најдеш, да разговараш со нив. Вели дека тие те знаат по име иако тоа се луѓе што имаат свои патенти, биле дел од најпознатите експерименти во изминативе 50 години, напишале книги и учебници по кои учат милиони студенти низ светот

Мила Ивановска е трета година на „Харвард“ и зад себе веќе има пет успешни семестри. На „Харвард“ студира и Лука Павиќевиќ, кој е прва година. И двајцата се импресионирани од начинот на кој функционира универзитетот, од неговата флексибилност кон студентите, од отвореноста и помошта на професорите... Презадоволни се што ја имаат можноста да го надградат своето знаење на овој универзитет. Во слободното време се дружат, си помагаат, споделуваат искуства.

- Сите сме насочени на различни работи, но се дружиме и споделуваме искуства и мислења кога ќе најдеме време. Како еден од двајцата претседатели на Јужнословенската организација на кампусот, повеќето дружби ни се таму. Организираме дружби и настани за сите што се на „Харвард“, а потекнуваат од нашите простори, па меѓу другото, минатиот семестар имавме организирано и две балкански забави со наша музика и супер си поминавме - ни сподели Мила.



Секој човек што ќе го запознаеш може да вреди милиони


Од досегашното искуство, Мила не може да се пожали од ниеден аспект на „Харвард“. Од академско знаење и добри предмети до можности за дополнителен развој на сопствени интереси и личен напредок, но ни напоменува неколку важни работи за овој универзитет.

- „Харвард“ како институција има реномирани професори, можност да те поддржи финансиски за истражување, конференции или некои подолгорочни лични проекти, има многу организации во кои можеш да се зачлениш според твоите интереси, но зависи колку знаеш да се организираш за да искористиш максимално од сите овие работи. Многу голема предност се контактите што ќе ги оствариш - секој еден човек што ќе го запознаеш овде, народски кажано, „може да вреди милиони“ (или веќе има таква моќ и е афирмиран во својата сфера дури и како студент, но ти за тоа сѐ уште не знаеш) - ни раскажува Мила.

Таму има многу луѓе што се ненормално амбициозни, сонуваат за големи работи, а тие работи допираат до секоја сфера од нашето општествено живеење.

- Не знаеш дали луѓето околу тебе ќе станат наредни претседатели на држави, директори на најмоќните компании во Силициумската долина или Волстрит, раководители на развој и истражување во НАСА или оскаровци и истакнати личности во музичката и филмската индустрија. Колку подолго си тука, толку повеќе стапуваш во контакт со многу успешни луѓе и сѐ повеќе си инспириран од нивните лични приказни, доаѓаш и до моментот да ги запознаеш своите идоли (Линдзи Вон) и други познати луѓе (Бекам). Но, колку и да звучи убаво ова, знае да биде многу исцрпувачко бидејќи некогаш е тешко да останеш приземен зашто овие приказни те мотивираат уште толку да сонуваш: наеднаш речиси сѐ изгледа достижно, но далеку од тоа дека патот е лесен и брз - споделува Мила.



Голем дел од предметите на „Харвард“ сам си ги одбираш во зависност од твоите интереси, па од втора година Мила почнала да зема сѐ понапредни предмети со потежок распоред.

- Минатите две лета работев на истражување во физика на честички, директно надгледувана од една од најреномираните професорки во ова поле - Мелиса Френклин, кооткривач на двете последно откриени фундаментални честички. Оваа година имав можност да присуствувам на конференцијата „Грејс Хопер“ во Орландо - една од најголемите конференции во светот за технологија и компјутерски науки; станав копретседател на Јужнословенската организација на кампусот и бев асистент за предмет по физика кој претходно го слушав, при што држев консултации и прегледував домашни и испити. На крајот од минатиот семестар добив понуда за летна пракса како трејдер или трговец во една од најпрестижните компании на Волстрит - D.E.Shaw - раскажува Мила.

Со професорите можеш да договориш и вечера


Како најинтересни предмети Мила ги издвојува квантна механика, вештачка интелигенција и машинско учење од областа на компјутерските науки.

- Комбинацијата на применета математика и вештачка интелигенција со физика е област во која и понатаму планирам да земам најмногу предмети - дополнува таа.

Она што најмногу ја изненади Мила се професорите, на кои многу лесно можеш да им пристапиш, да ги најдеш, да разговараш со нив. Вели дека таму професорите те паметат како студент лично, го знаат твоето име, и покрај тоа што тие се личности што имаат свои патенти, биле дел од најпознатите експерименти во изминативе 50 години, напишале книги и учебници по кои учат милиони студенти низ светот.

- Нормално, има професори кои се позатворени, но кај голем дел од професорите можеш да одиш не само за прашања за предметот кој го слушаш кај нив, туку и за совети вредни злато во твојот живот, за понатамошната кариера... Со некои професори сум била и на вечера каде што во неформална средина сме дискутирале на многу теми, во и надвор од струката - вели таа.



Да се биде на „Харвард“ е голем предизвик

Лука Павиќевиќ вели дека негов прв избор за факултет бил „Харвард“ поради тоа што долги години е прворангиран универзитет во светот. Тој е многу задоволен од образованието што го добива.

- Единствената реалност што се покажа различна од моите очекувања е тенденцијата на повеќето студенти да сакаат да влезат во корпоративниот наместо во академскиот свет. Следствено, јазиците, книжевноста, уметноста и хуманистичките науки се најпогодени - споделува тој.

Американските факултети бараат нивните студенти во прва година да изучуваат предмети од различни области со цел да се стекнат со интердисциплинарни знаења за на почетокот од втора година да изберат на што ќе се посветат во следните три години.

- Сè поизвесно е дека ќе се одлучам за историја, но тука се и политичките науки. Понатаму ќе можам да одберам и секундарно поле, на пример, економија, европски општествени студии, средновековни студии или класични студии. Што се однесува до совладувањето на материјалот, начинот варира од предмет до предмет. На пример, предметите од општествените науки изискуваат читање на зададените текстови пред самото предавање, додека пак тие од природните науки претпочитаат решавање задачи по предавањето. Професорите се достапни за дополнителни консултации и надвор од времето наменето за предавања.



Може да се слушаат предмети од сите дисциплини

Оваа година тој се фокусира на проучувањето на американската правна историја. Вели дека имал можност да научи повеќе за развојот на уставниот и правниот поредок на оваа држава во поглед на поделбата на власта, правото на глас, ропството, семејното право и правата на жените, економијата и имотното право.

- Првенствено ме интересира каков однос имале американските колонисти кон британската уставна норма, но и подоцна како таа била приспособена по остварената независност. Токму ова го изучувам овој семестар преку предметот „Историја 2445: Устави, право и империја“. Ми беше голема чест што професорката ми дозволи да учествувам во семинар наменет за докторанди. Моите истражувања за овој предмет треба да кулминираат со семинарски труд - ни сподели Лука.

Вели дека на „Харвард“ го изненадила флексибилноста.

- Како што и претходно споменав, во текот на првата година студентите немаат одбрано поле на фокус, туку можат да слушаат предмети од сите дисциплини. Во првиот семестар, покрај историјата, изучував калкулус, асирологија и политика на американското образование, како логично продолжение на мојот ангажман во Македонија. Сега го надградувам своето познавање на германскиот јазик, но ги откривам и финесите на Селеукидското Царство, кое настанало по смртта на Александар Велики - објаснува Лука.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема