X
 11.03.2024 Живот

Познат јутјубер го посетил некогашното ексклузивно воено одморалиште на ЈНА

Купари, некогашното ексклузивно воено одморалиште во близина на Дубровник, кое било наменето за офицерите на ЈНА и државните функционери на СФРЈ, деновиве повторно се најде во центарот на вниманието откако познат јутјубер го посети комплексот.

Откако Џејмс Доналдсон, познат по прекарот Мистер Бист, објави видео на својот јутјуб-канал наречено „Преживеав 7 дена во напуштен град“, не престанува да се зборува за Купари.

Ова поранешно одморалиште на воената елита на ЈНА во општината Жупа, каде што познатиот јутјубер снимал видеа со своите пријатели, не е напуштено - само така изгледа во зимските месеци.

Според пописот од 2021 година, во Купари живеат 950 луѓе. Во летните месеци, пак, местото заживува, а многу луѓе доаѓаат на прекрасната плажа во заливот кој го одзема здивот.

Од поранешна фабрика за тули до ексклузивна дестинација


Купари се наоѓа на ридот во Жупскиот Залив во Дубровничко-неретванската жупанија, десет километри од центарот на Дубровник.

Населбата го добила името од латинскиот збор за ѕидари - „купари“. Производството на тули и ќерамиди (купа) на овие простори датира од раниот среден век, а некогаш Купари се нарекувал и Криепи.

Производството на тули и ќерамиди растело и се развивало со децении, а неговото значење дошло до израз  по големиот земјотрес од 1667 година, кога било неопходно да се поправат и обноват многу уништени работи во Дубровник и неговата околина.

На почетокот на 20 век Купари станал одлична дестинација за летен и зимски туризам.

Препознавајќи го неговиот потенцијал, претприемачите од Чехословачка го изградиле првиот хотел во 1920 година, по што следувало уредување на плажите, парковите и шеталиштата, изградба на спортски терени и објекти за одмор и рекреација.

Напуштени и уништени хотели


Во втората половина на 20 век Купари станал воено одморалиште наменето за офицерите на ЈНА и нивните семејства, како и за државните функционери од поранешна Југославија.

Дури и југословенскиот претседател Јосип Броз Тито имал вила тука, во која им бил домаќин на многу светски државници и истакнати личности.

На врвот на својата популарност, хотелите „Младост“, „Гранд“, „Горичина 1“ и „Горичина 2“, „Пелегрин“, „Купари“ и „Галеб“ можеле да примат околу 2.000 гости.

За време на војните во 90-тите години тие биле уништени и ограбени. Поради нерешени имотно-правни односи, тие се напуштени повеќе од две децении.


Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот