X
 11.04.2022 Живот

ПИСА-тестирање за поголема јазична, математичка и научна писменост

Каков е квалитетот на образованието кај нас и со колкав образовен капитал располагаат средношколците на 15-годишна возраст, ќе се мери со меѓународното тестирање ПИСА 2022 година, кое почна денеска, по четврти пат учествува и Македонија со репрезентативен примерок од 7.850 средношколци. ПИСА-тестирањето е проверка на јазичната, математичката и научната писменост, односно знаењата на учениците во областа на природните науки, а годинава првпат ќе се мери и креативното размислување на учениците.

- Ова е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое го спроведува ОЕЦД и со него се мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Сите задачи кои се во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање проблеми - изјави министерот Јетон Шаќири.

ПИСА-тестирањето првпат кај нас се реализира електронски. Минатата година Министерството за образование и наука заедно со Државниот испитен центар спроведоа подготвителни активности и пробно тестирање.

- Резултатите од ПИСА ни се од голема важност, особено во овој период во кој ги спроведуваме најкрупните образовни реформи досега во нашата земја. Тие ќе ни помогнат во носењето стратешки одлуки и ќе ни овозможат реално планирање на мерки за подобрување на квалитетот на образованието, кое кај младите ќе развива компетенции со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд, за кој сè помалку важат локални правила - нагласи Шаќири.

Македонија, преку Министерството за образование и наука во соработка со Државниот испитен центар, досега има учествувано во три циклуси: ПИСА2000, ПИСА2015, ПИСА2018 и сега ПИСА2022.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот